X
 26.05.2018 Живот

Никој не е подготвен за ГДПР, дури ни регулаторите

Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР), која беше усвоена од страна на Европскиот парламент на 14 јуни 2016 година, стапи на сила. ГДПР е амбициозна, сеопфатна и прилично комплицирана регулатива за заштита на податоците на корисниците.

Новата регулатива ќе важи за сите кои дејствуваат на просторот на Унијата, па и за нашите компании кои работат на тој пазар. Затоа треба да се води сметка за последиците бидејќи казните можат да ги одведат компаниите во нокаут.

Регулативата се подготвуваше четири години, а откако беше усвоена во 2016 година, ЕУ на компаниите, организациите и на земјите-членки им даде рок од две години за да се пподготват. Но, сепак, судејќи по сѐ што се случува, со стапувањето на ГДПР на сила се очекува приличен хаос. Се чини дека никој не е подготвен за ГДПР, па дури ни самите регулатори.

Марк Закерберг, основачот на „Фејсбук“, истакна дека неговата компанија, која беше потресена од скандалот со крадењето податоци за нејзини корисници од страна на „Кембриџ Аналитика“, е подготвена за ГДПР.

Од друга страна, многу компании мака мачат со прилагодувањето на ГДПР во последен момент, без разлика дали тоа се случува затоа што не го почнале процесот на време, или едноставно им е преголем предизвик.

На анкета на „Понемон Институт“ од минатиот месец, во која учествувале повеќе од илјада компании, повеќе од половината одговориле дека нема да се подготвени за ГДПР во предвидениот рок.

Кога станува збор за компаниите кои работат на интернет, додека едните масовно им праќаат електронска пошта на корисниците и им бараат одобрение за користење на податоците, други почнаа да го блокираат пристапот за европските корисници за да не мораат да се замараат со ГДПР.

Фото: Pixabay

Имено, регулативата важи за сите компании кои имаат корисници на подрачјето на ЕУ. Со оглед на тоа дека во случај на непочитување на ГДПР се предвидени огромни казни, дури до 20 милиони евра, некои американски интернет компании почнаа да ги блокираат своите страници за подрачјето на ЕУ.

Тоа меѓу првите го направи „Unroll.me“, веб-сервис кој на корисниците им нуди чистење на електронската пошта (а токму тоа се случува овие денови поради ГДПР). „Unroll.me“, кој го користеше пристапот до електронската пошта на корисниците за истражување на пазарот, ги извести корисниците дека веќе нема да биде оперативен во Европа бидејќи не може да се придржува до правилата на регулативата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот