Министрите за европски прашања на земјите-членки на Европската Унија денеска го одобрија започнувањето на преговорите за влез на Македонија и на Албанија во Унијата, известија на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски, заменикот на претседателот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
- Советот за општи работи на ЕУ се согласи дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ - изјави Спасовски.
Спасовски додаде и дека Македонија во наредниот период ќе мора да минува низ трансформација на државата и општеството низ која поминале сите денешни членки на Европската Унија. Одлуката на ЕУ за започнување со Македонија е безусловна, изјави вицепремиерот Османи.
- Со тоа, Европската комисија доби целосно одврзани раце да почне да ја формира т.н. преговарачка рамка за земјава по која ќе се организира и првата меѓувладина седница, што ќе претставува и официјален старт на преговорите - истакна Османи.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека Советот за општи работи на ниво на министрите за европски прашања на ЕУ, и покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, донесе одлука за почеток на преговорите со Република Северна Македонија и оддаде признание за досега сработеното.