X
 26.05.2018 Наука

Плутон е гигантска комета?

Можеби гледаме на Плутон на погрешен начин. Планета, џуџеста планета - оваа семантичка дебата може да биде ирелевантна, бидејќи во реалноста Плутон можеби е вид на гигантска комета? Во труд објавен оваа недела, научниците од Југозападниот институт за истражување наведуваат нова теорија дека Плутон навистина може да е само собир на куп комети. Милијарди комети.

Научниците мислеа дека Плутон е родена на стандардниот начин на кој се раѓаат планетите: со карпесто јадро среде прашина и гас и поради гравитацијата полека се натрупувал сѐ повеќе материјал доведувајќи до формирање на мала сферична топка која денес ја нарекуваме Плутон. Но, пронајдоците од 90-ите години од минатиот век на други мали ледени објекти како Плутон во појасот Кујпер сугерираа друга приказна за потеклото.

-Сегашната парадигма е дека телата во надворешниот соларен систем биле изградени со натрупување на камења и лед. Ние мислиме дека дометите се останати градежни делови од формациите на поголемите тела, а претходно имаше сомневања декка Плутон можеби се формирала од градежни делови за комета, но немавме податоци за да го тестираме тоа. Оваа студија се обидува да го направи следниот чекор напред во тој процес - вели Кристофер Глејн, научник од Институтот и главниот автор на новиот труд.

Податоците за трудот доаѓаат од два извора: мисијата „Нови хоризонти“, во која научниците имаа можност да набљудуваат глечер на Плутон богат со азот, а наречен Спутник Планум; и хемискиот состав на кометата 67П/Чурјумов-Герасименко, проучувана од вселенската сонда Розета на Европската вселенска агенција. Авторите на студијата утврдиле дека азотната содржина на глечерот е слична на она што моделите би го предвиделе ако Плутон бил формиран од милијарди комети како 67П.

Фото: Pixabay

-Прво користевме информации од „Нови хоризонти“ за да процениме колку азот има на Плутон и колку избегал во атмосферата на Плутон, поставувајќи ограничување кое претставува цел за теоретски модели. Тогаш го искористивме изобилието од азот од Розета и го приспособивме на масата на Плутон. Она што беше интересно е што двата пристапа дадоа резултати кои се согласуваат - објаснува Глејн.

Новиот модел на „гигантска комета“ е шокантен, но шокантно беше и откривањето на атмосфера на Плутон и навестувањата дека можеби има подземен океан.

Како и сите чудни нови идеи, така и оваа е далеку од отпорна на промени. Според Глејн, најголемото ограничување на моделот е што „Нови хоризонти“ открила малку јаглерод моноксид на Плутон, иако кометите имаат високо ниво на јаглерод моноксид. Голем дел можеби е закопан под Спутник Планум, па „Нови хоризонти“ не можела да го детектира на површината, а подземниот океан исто така би довел од уништување на јаглерод моноксидот.

Глејн мисли дека повеќето научници добро ја примиле студијата, но признава дека некоу луѓе направиле проблеми околу конотацијата „гигантска комета“.

-Не велам дека Плутон е комета, туку дека неговата композиција може да се поврзе со модел на огромна комета - вели Глејн.

На крајот, единствениот начин за потврдување или побивање на оваа нова теорија би било директно проучување на Плутон. Глејн би сакал да се слета на Спутник Планум за да може да се земат примероци од глечерите и да се анализираат со спектрометар. Тешко дека во скоро време таквата мисија би добила зелено светло, но успехот на „Нови хоризонти“ значи дека вревата за враќање на Плутон ќе станува сѐ погласна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука