X
 16.03.2023 Наука

Дали навистина паѓа дожд од дијаманти на Уран и Нептун и што значи тоа?

Под ледените атмосфери на водород и хелиум на Нептун и Уран се наоѓа обвивка богата со вода, амонијак, метан и можеби нешто многу блескаво - дијаманти.

Научниците долго време се сомневаа дека скапоцени камења може да врнат од обвивката на овие ледени џинови кон цврстото јадро.

Внатрешната структура на Нептун е слична на онаа на Уран. Во пониските делови од атмосферата има зголемени концентрации на метан, амонијак и вода. Притисокот и температурата се зголемуваат со длабочината, но температурата брзо ја надминува критичната точка и постепено преминува во суперкритична течност. Експертите веруваат дека се можни услови на длабочина од 7.000 километри каде што метанот се распаѓа во дијамантски кристали кои потоа се спуштаат кон јадрото.

Но, според новото истражување, внатрешноста на Уран можеби не е толку „блескава“ како што се мислеше. Теоретските модели покажуваат дека идеалните услови за формирање дијаманти може да се појават во Нептуновата мантија, но прашање е дали тие можат да се појават на Уран.

Мистериозната внатрешност на ледените џинови

Ледените џинови се подвид на џиновски планети каде што, во споредба со гасните џинови како Јупитер и Сатурн, релативно голем дел од вкупната маса се состои од мраз. Нивната внатрешност сè уште е мистерија, а научниците наведуваат дека со сигурност ќе знаеме дали врнат дијаманти дури откако повторно ќе испратиме вселенски летала до надворешниот дел на Сончевиот Систем.

По прелетувањето на „Војаџер 2“ во 80-тите години, научниците забележале дека Нептун сјае со сопствената внатрешна топлина, додека Уран само ја „враќа“ енергијата што ја добива од Сонцето. Оттогаш тие се обидуваат да откријат што точно ја предизвикува оваа разлика.

Според новото истражување на научниците од Институт за наука и технологија во Австрија, одговорот можеби лежи во овој необичен дијамантски дожд. Имено, при паѓање низ мантијата, овие скапоцени камења би можеле да ослободат гравитациона енергија во форма на топлина. Сличен принцип се случува кога астероидите согоруваат во нашата атмосфера - метеоритите или дијамантите создаваат триење кога минуваат низ медиумот, а ова триење создава топлина.

Нерешена мистерија

Кога инженерот Бингкинг Ченг и нејзините колеги ја пресметале точката на замрзнување на јаглеродот во услови како оние на Нептун и Уран, откриле дека постои тесен опсег на температури и притисоци идеални за формирање дијаманти. Во овие услови, јаглеродот и водородот се одвојуваат еден од друг, при што јаглеродот се концентрира во течност богата со јаглерод која е совршена за формирање дијаманти.

Оваа концентрирана течност може да се замрзне и да формира дожд од дијаманти. Ченг смета дека такви услови се можни на Нептун, но не толку на Уран, што би можело да објасни зошто Уран е потемен од неговиот „роднина“.

Но, планетарниот научник Равит Хелед од Универзитетот во Цирих вели дека сè уште немаме многу јасна претстава за тоа што точно се случува внатре во ледените џинови.
Човештвото само во една пригода ги погледнало одблизу, кога вселенското летало „Војаџер 2“ прелетало покрај нив. Затоа, Хелд верува дека вистината за дождот од дијаманти ќе ја откриеме само кога повторно ќе го разгледаме надворешниот дел на Сончевиот Систем.

Извор: Index.hr
Фото: NASA/ESA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука