Поранешниот клавијатурист на Дрим театар, Били Ајдол, Алис Купер, Кис, Санс оф Аполо, Планет Икс ќе свири на новиот албум на македонската група „Station: Innermost“
Каде е местото на нашиот најдобар Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, кој го прослави 70-тиот роденден, како поранешниот клавијатурист на Дрим театар, Били Ајдол, Алис Купер, Кис почна соработка со македонската група „Station: Innermost“, како изгледа алманахот на прилепските матуранти-графичари... Што пишувавме изминатава недела?
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го прослави 70-тиот роденден. Каде е денеска местото на нашиот најстар универзитет, кој го носи името на големите просветители светите Кирил и Методиј? Анализиравме со какви проблеми се соочува и што му е потребно за биде поуспешен.
УКИМ е универзитетот што ги прибира најголемиот број македонски студенти. Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, во студиската 2017/2018 година тука се запишале 26.024 студенти, од кои 6.444 во прва година. Вкупниот број на студенти во Македонија изнесува 56.941, што значи дека половината од студентите учат на УКИМ.
Поранешниот клавијатурист на Дрим театар, Били Ајдол, Алис Купер, Кис, Санс оф Аполо, Планет Икс ќе свири на новиот албум на македонската група „Station: Innermost“.
Уште не ми е верно дека Дерек Шеринијан ги свири клавијатурите на две песни на новиот албум на „Station: Innermost“ – ни изјави Наташа Миха, вокалист и клавијатурист во овој прогресив рок-бенд од Скопје. За оние што не слушнале за него, Дерек Шеринијан е поранешен клавијатурист на Дрим театар, Били Ајдол, Алис Купер, Кис, Санс оф Аполо, Планет Икс... Првиот сингл од албумот „Exposure“ е веќе објавен на јутјуб-каналот на бендот.
Група „Station: Innermost“
5Г е нова парадигма што ја воведува технологијата во сите пори на секојдневието како партнер, подобрувајќи ги заемните функционалности со примена на интелигентни решенија, дополнети со вештачка интелигенција и елементи на машинско учење,
вели д-р Лилјана Гавриловска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии и раководител на Институтот за телекомуникации.
Таа ќе раководи и со првата лабораторија за тестирање на 5Г-технологијата (5G Evolution Laboratory), која деновиве беше промовирана на ФЕИТ. Во интервјуто за Факултети.мк, проф. Гавриловска објаснува што значи оваа лабораторија за студентите и за академскиот кадар, како ќе го позиционира ФЕИТ во регионот, што ќе донесе новата технологија во секојдневието.
Матуранти од Прилеп направија креативен алманах. Традиција на ова училиште е матурантите сами да го изработуваат.
Алманахот на прилепските матуранти-графичари е многу повеќе од фотоалбум со испишани пораки од типот „прва во клупа седеше и само петки редеше“, вели наставникот Александар Костадиноски, кој веќе шеста година по ред заедно со учениците од графичката струка при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп го изработува алманахот.
Карактеристично за овогодишниот е што секој ученик има слика од неговата „еволуција“ низ средношколските години. Практично концептот на алманахот го смислиле уште кога учениците биле прва година. Кој каква фризура имал во текот на годините, колку пораснал и како му се изменил ликот. Сè е документирано во овој креативен алманах.
Дел од алманахот на матурантите
Имавме интервју со нобеловецот Лудвиг Добжински. Бил дел од тимовите што за своите откритија неколкупати ја добиле Нобеловата награда за физика. Откривањето на бозоните W и Z и на Хигсовиот бозон беа врвни пронајдоци кои ја заслужија оваа награда, а тој, како и сите негови колеги, доби дел од неа. Но, проф. д-р Лудвиг Добжински вели дека овие се само дел од многуте проекти во кои активно учествувал.
Лудвиг Добжински
Деновиве престојуваше во нашата земја како гостин на манифестацијата „Деновите на ЦЕРН во Северна Македонија“, која ја организираа Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Фондот за иновации и технолошки развој под покровителство на МАНУ. Во интервјуто за Факултети.мк проф. Добжински раскажува за неговите искуства, за третманот на науката во светот, за обидите на научниците да проникнат во тајните на вселената.
Првиот извиднички обред Скопје
организира интересни предавања на тема сексуално образование во средните скопски училишта.
Поголемиот дел од младите немаат валидни знаења, ниту пак општи познавања на темата секс. Покажуваат огромен интерес и желба да научат како да се грижат за себе и за своето здравје, но нема сигурна средина каде што може да ги добијат овие информации.
Токму поради овие податоци, заедно со секторот за образование на Град Скопје, решивме дека нешто мора да се направи и тоа на начин кој ќе биде интересен за младите и ќе го привлече нивното внимание – ни објасни Снежана Јанковиќ, водач на Првиот извиднички обред - Скопје.
Приказната и идејата за „Секс, скаутс анд рокенрол“ постои веќе десетина години и беше иницирана од група извидници.