X
 26.05.2020 Наша тема

Солидарноста меѓу учениците од средното училиште во Шуто Оризари е најважната лекција што периодов ја научиле од дома

Оваа состојба е искуство кое треба да нѐ поттикне да размислуваме за современите трендови во образованието, за негова поголема флексибилност и за развивање дополнителни стратегии во врска со образовните процеси, вели Доан Сулејманоски, в.д. директор на едно од најмладите средни школи во земјава

На рака се бројат учениците во средното стручно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари, кои немаат услови за да следат онлајн-настава. Триесетина ученици од околу 400 имале проблем да следат настава поради немање соодветен уред во март. Но оваа ситуација брзо ја надминале со помош на таблетите што ги имало училиштето.

Како се реализира петтата учебна година од основањето на едно од најмладите средни училишта во земјава? Поразговаравме со в.д. директорот Доан Сулејманоски, кој вели дека периодов, освен на наставата, се фокусирани и на приемните за нови ученици. Интересот расте секоја година за некоја од струките: економски или градежен техничар, медицинска сестра, фризер и келнер. 

Самоиницијативни наставници

По само неколку дена од престанувањето на редовната настава ова училиште се вклучило во онлајн-настава, објавувајќи наставни материјали и содржини кои, пред сѐ, биле насочени за да се задржи вниманието на учениците, тие да се анимираат, да продолжи образовната навика, како и правилно да го користат слободното време.

- Морам да истакнам дека сум среќен за самоиницијативноста на професорите, кои не чекаа, туку мотивирани решија на неформален начин да ги анимираат учениците. Со стапувањето во сила на законската уредба во врска за далечинското учење назначивме двајца одговорни професори за координирање на онлајн-наставата, па потоа како училиште донесовме план-стратегија за реализација - вели Сулејманоски.

Одлучиле да ја користат апликацијата „Зум“ како алатка која обезбедува двонасочна комуникација и нуди определени можности за реализација на час.

Предрасуда е дека кај нас се најголемите проблеми


- Дополнително користиме електронска пошта, веб-страницата на школото, „Вајбер“ и „Фејсбук“, дистрибуиравме туторијали за користење на „Зум“ до професорите и учениците и, се разбира, објавивме распоред за спроведување настава. Дел од стратегијата за реализација на наставата беше и мапирањето на учениците што немаа можности за следење ваков тип настава, како и изнаоѓање конкретни решенија. Свесен бев за можните проблеми за реализација на овој тип настава, па откривме кои ученици немаат ИТ-помагало, ученици што немаат интернет-пристап или, пак, ги немаат и двата услови. Иако сите очекуваат дека ние би имале најголем проблем, со оглед на тоа дека најголем број ученици се Роми, не беше така - вели Сулејманоски.

Брзо им излегле во пресрет на тие 30-ина ученика што немале уред за следење на наставата. Самото училиште располагало со различен вид ИТ-опрема и нагледни средства кои им ги дале на користење на децата. За неколку ученици помогна и Министерството за труд и социјална политика, кое им врачи ваучери за интернет на децата од социјално загрозени семејства. 


Солидарноста на прво место

- Периодов солидарноста на учениците се покажа како никогаш досега. Си позајмија и постари мобилни уреди, лозинки од соседи за воспоставување интернет-конекции и сл. Ако бројот на ученици што немаа можност беше поголем, ќе баравме согласност од надлежните институции за дел од нашите часови да се одржуваат на една ромска национална телевизија, која ни излезе во пресрет и ни се понуди да ни отстапи час или два во текот на денот - додава Сулејманоски.

Тој нагласува дека овој начин на реализација на наставата е лекција за сите вклучени во образованието.

- Да имавме претходни искуства од ваков начин на реализирање на наставата, сега немаше да се крева толку паника и немаше да биде голем предизвик. Но, соработката на наставниот кадар од нашето училиште е одлична. Заедно со педагогот и сите наставници успешно „го скршивме мразот“. Сите си помагаат. Разбирам дека дел од колегите немаат услови или имаат само едно ИТ-помагало кое го користат во домовите, но повторно ние како училиште излеговме во пресрет со нашите лаптопи што ги користиме за работа. Соработката по активи е исто така одлична, циркулираат обработени материјали, наставни содржини со упатства, презентации, квизови и слично - навистина во овој домен можеме само да се пофалиме - посочува првиот човек на училиштето.

Во април се одржаа и средношколските средби МАССУМ, кои се наменети за средните стручни школи. На овие натпревари, кои се во повеќе категории, учениците на „Шаип Јусуф“ освоија неколку награди. Тие освоија награди во следните категории: најдобро интервју за работа, најдобар јавен говор, најдобар маркетинг-план и најдобар филм. Ова школо редовно е меѓу најнаградуваните.

Оценувањето било една од темите што ги плашеле и наставниците и учениците. Но, директорот вели дека поголемиот дел од оценките на некој начин биле формирани, со оглед на тоа дека физичката настава прекина во второто полугодие.

Доан Сулејманоски

- Факт е дека објективноста е доведена во прашање, но исто така неоспорен факт е дека оценките не се базираат само на последните активности од неколкуте седмици од воведувањето на онлајн-наставата до моментот на оценување. Но, верувам дека никој ученик не е оштетен, професорите имаа флексибилен, толерантен и мотивирачки став кон учениците во врска со оценките. Се реализираа квизови, дискусии, дебати, проекти, истражувања, електронски тестови, класично испрашување преку видеоконференции, домашни задачи и слично. Општ е впечатокот дека тие ученици што си работеа и беа посветени, продолжија со истото темпо. Но, интересен е феноменот дека дел од учениците што не беа толку заинтересирани, со оглед на сите фактори и околности, навистина се посветија и ангажираа да покажат позитивни резултати - истакнува Сулејманоски.

Да научиме нешто ново од ситуацијата


Интересен е фактот дека ние како народ треба да имаме некоја мака за да пробаме да направиме нешто ново, не сме многу склони кон промени и новости, истакнува тој.

- Но, најважно и неоспорно е дека училницата, енергијата со учениците, чувството на реална присутност не може ништо да ги замени. Но, ова е одлична можност да се создаде база на наставни материјали, обработени лекции, снимени предавања и сл. Најдобро решение би било да се соберат, организираат и сите материјали од средните училишта во нашата земја (по струки, профили, години, наставни предмети), секое училиште да ги „донира“ обработените материјали и тие да бидат достапни за секого во секое време. Имаме ученици што пропуштиле одредени часови, не биле присутни неколку работни дена или оправдано подолг период, вонредни ученици, такви што имаат потреба од дополнително совладување на материјалот и сл. - ваквата заедничка платформа би била од огромна корист за секого, а секој што има дел од неа ќе се чувствува убаво и корисно - вели Сулејманоски.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема