Од исклучително значење во онлајн-наставата е да се остварува и воспитната функција, чија реализација претставува најслаба алка во нашиот школски систем веќе подолго време
Автор: Проф. д-р Розалина Попова-Коскарова, Педагошки факултет „Св.Климент Охридски‘‘- Скопје -УКИМ
Веќе подолго времe ( од почетокот на Ковид 19-пандемијата), онлајн-наставата е едно многу актуелно парашање кое предизвикува загриженост и кај наставниците и кај родителите. Дали од септември продолжуваме со нормална настава, или пак со онлајн-настава ќе зависи од развојот на пандемијата. Со сигурност никој не може да каже ништо. Но, тоа не значи дека не треба повторно да се подгoтвуваме за онлајн-настава, или пак некаква комбинација на училишна настава со онлајн. Но, за да биде успешно реализирано, треба големи подготвки.
За жал, кај нас не се забележуваат некои поголеми подготовки на ова поле, за тоа што подготовките значат сериозна и темелна обука на наставниот кадар во сите степени на образование. Од друга страна, пак, некои големи искуства немаме на ова поле.
Но, не значи дека long distance learning е потполна непознаница. Напротив, уште од средината на минатиот век, оваа настава се практикува во некои делови на Австралија, каде оддалеченоста меѓу училиштето и фармите во кои живеат семeјства е поголема дури и од 500 км. Се разбира, преку посебно дизајнирани образовни програми кои се речиси идентични со наставата во училиштата.
Децата имаат обврска секој ден да се вклучат во образовната програма ( порано преку ТВ, радио и сл.), а денес преку компјутер, во точно определено време наутро. Имаат распоред на часови кој стриктно се почитува, како и во редовната настава во училиштето. Знаат кога завршува училишниот ден. Учениците добиваат многу голема поддршка во овој вид настава, а исто така и родителите, кои се партнери во образованието. Нема, импровизации. Сѐ е испланирано како и во редовната настава.
Во онлајн-наставата треба темелно да се испланира како образовната, така и воспитната функција. Во однос на првата (образовната), многу е важно наставниците да бидат свесни дека не треба да пренесуваат само голи знаења и да даваат задолженија, кои некогаш можат да бидат и бесмислени во ова време, како на пример препишување на некоја лекција или дефиниција по 2 или повеќе пати. Тоа, не само што не придонесува за развој на интелектуалните активности, туку може да предизвика одбивност на детето кон соодветниот предмет, па дури и голема фрустрација.
Проф.д-р Розалина Попова-Коскарова
Многу често сме сведоци дека нашите ученици многу брзо го забораваат тоа што го учеле, правдајќи се дека наученото е од „пред три месеци“, од „лани“... И се заборавило. Со право можеме да кажеме дека образованието од сите степени кај нас во најголем дел е насочено кон учење со меморизирање и пасивно репродуцирање. Доколку некој сака да констатира колку учениците покажуваат разбирање за одредени работи, не треба да им даде тест со дефиниции, или пак прашања од типот: „Кој е главен град на Франција, а кој на Јапонија“. Напротив, поголемо значење ќе имаат прашањата од типот: „Што го прави Париз посебен за Франција, а што Токио за Јапонија“?
Од исклучително значење во онлајн-наставата е да се остварува и воспитната функција, чија реализација претставува најслаба алка во нашиот школски систем веќе подолго време. Тоа значи дека не само образовните, туку и воспитните цели треба да се реализираат. Наставниците треба да бидат свесни дека реализацијата на воспитната функција е од исклучително значење во време кога сѐ повеќе родителите немаат време за своите деца. Затоа, доколку се продолжи со онлајн-настава, треба обуките да бидат и во оваа насока. Посебен интерес треба да се покаже како учениците го поминуваат своето слободно време.
Учениците имаат потреба од вниманието на возрасните, а кога тоа недостига, се јавуваат далекусежни последици кои негативно влијаат врз младата личност. Затоа и преку онлајн-наставата, наставникот треба да покаже трпение и интерес за ученикот не само колку и што научил (образовната компонента), туку и како се чувствува, што го мачи, дали има некој проблем.
Исто така, посебен интерес треба да се покаже како децата го поминуваат своето слободно време, кое кога не одат на училиште го имаат во поголеми размери. Но, како правилно да го искористат? Може да иницира на пример, секој ученик да напише краток есеј што корисно во текот на една недела направил за себе, за другите, или за средината во која живее. Или пак, ученикот да си води дневник за секојдневните активности, во кои несомнено место треба да има и за градење на сопствена одговорност, (од местење на кревет, средување на облека, помагање во кујна, до развивање на еколошка свест (селекција на пластични шишиња и нивно одложување во посебен контејнер, како и градење и хуман однос кон другите). Така се развива чувство на одговорност и позивен однос кон себе, кон другите, и кон околината на живеење. Тоа е дел од моралното воспитание.
Исто така, за да ја подобриме мотивацијата за читање која за жал кај нашата ученичка популација е на исклучиво ниско ниво, а имајќи го во предвид фактот дека во најмала возраст наставникот воспитува со сопствениот пример, тој прво треба да ги информира децата дека самиот, секој ден чита. Да поведе разговор со учениците зошто читањето е важно, кои нови зборови ги научиле читајќи некоја книга, што научиле од книгата и што можат да применат во секојдневието...
Да заклучам, доколку се продолжи со онлајн-настава и во периодот што следи, не смее да има повеќе импровизации како претходно. Тогаш бевме затекнати и може да има некое оправдување. И онлајн-наставата треба квалитетно да се изведува, (што подразбира сѐ да биде добро испланирано, и со стандарди низ целата држава) за да не произведеме генерации со огромни празнини во нивниот духовен и интелектуален развој. За да биде онлајн-наставата успешна, обуките на наставниците треба да бидат квалитетни, темелни и во доволен број. И што е најважно, сите наставници во државата без исклучок( град или село) треба да ги поминат.