X
 10.04.2020 Образование

Како ќе се полагаат испитите на УГД, УКЛО и „Св. Апостол Павле“

Загрижувачки беше фактот дека околу 10% проценти од испитаните студенти на УКЛО одговориле дека немаат соодветни можности за следење на наставата, а тоа би значело и немање можности за полагање на испитите - вели ректорот на УКЛО, Сашо Коруновски

Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип планира овој месец да воведе онлајн-проверка на знаењето. Онлајн-наставата веќе тече без поголеми пречки, велат од Универзитетот. Со воведувањето на вонредната состојба започнале со подготвување на начините за спроведување на наставата, организација на колоквиумските полагања и испитите.

- На некој начин бевме подготвени за ситуацијата затоа што веќе користевме многу онлајн-алатки: Е-учење (moodle) платформа каде што се сместени сите потребни материјали за предметите. Преку оваа платформа се организираат и дел од колоквиумите и ќе бидат организирани испитите за поголемите групи. Е-библиотека – платформа каде што се сите учебници, скрипти, практикуми и каде што студентите можат да ги преземат бесплатно. Со ова им овозможуваме на студентите да ги имаат сите учебни помагала од дома, на безбедно. Е-индекс – каде што студентите можат да ги извршуваат сите обврски онлајн: пријавување, заверување, поднесување барања, следење резултати ...MS Teams – моментално ја користиме за предавања и е платформа каде што ќе се спроведуваат усни испити. Оваа платформа се користи исто и за одбраните на дипломските трудови - велат од УГД.

Секако постојат предизвици и секојдневно ги решаваме. Секој професор се приспособува на расположливите платформи и карактеристиките на предметот кој се полага, вели Мишко Џидров, проректор за настава.

Оттаму објаснуваат дека секој студент си има пристап до сите овие платформи преку студентската електронска адреса и може во секој момент да комуницира со професорите.
- Студентите ја разбираат ситуацијата во која се наоѓаме и даваат целосна поддршка во спроведувањето на овие активности - вели Џидров.

Од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола велат дека засега ги одлагаат полагањата на колоквиумите и во текот на месецов интензивно ќе се работи за да се исполнат условите за полагање во координација со Универзитетското студентско собрание, кое бараше да се одложат испитите до нормализирање на условите. 


Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола

Студентите реализирале анкета спроведена уште пред донесувањето на уредбата од Владата, а се однесувала на желбите и можностите за одржување онлајн-настава, и во која најголем дел од студентите се изјасниле дека сакаат да се одржува ваква настава.

- Загрижувачки беше фактот дека околу 10% проценти од испитаниците одговорија дека немаат соодветни можности за следење на наставата, а тоа би значело и немање можности за полагање на испитите. Оттаму, ние како одговорен Универзитет кој, пред сѐ, се грижи за доброто на своите студенти, со големо внимание пристапуваме на ова прашање за да им овозможиме на сите студенти еднакви можности за фер и регуларно одржување на колоквиуми и испити и зачувување на квалитетот на целокупниот едукативен процес - вели Сашо Коруновски, ректор на УКЛО.

„Св. Апостол Павле“ - Охрид

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид, пак, се подготвува за реализирање на колоквиумите онлајн.

- Се разгледуваат неколку платформи и начини, а полагањето на првиот колоквиум ќе се случи кон крајот на април. Студентите се подготвуваат континуирано, преку онлајн-настава која се одвива непречено, уште од почетокот на кризата со коронавирусот - велат од „Св. Апостол Павле“.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование