Последната сезона на серијата
„Куќа од хартија“ (La Casa De Papel) ќе биде објавена во два дела. Првиот дел ќе започне на 3 септември, а вториот на 3 декември, најавуваат од „Нетфликс“.
- Кога почнавме да го пишуваме петтиот дел среде пандемија, почувствувавме дека мора да го смениме она што се очекуваше од 10-епизодна серија. Ја искористивме секоја алатка што можевме за да создадеме сензација за финалето. Одлучивме да работиме во екстремно агресивен жанр - вели Алекс Пина, креаторот на серијата.
- Во вториот дел повеќе се фокусираме на емотивната ситуација на ликовите. Тоа е патување преку нивната сентиментална мапа што ќе нѐ поврзе директно со нивното заминување - вели тој.
Според официјалниот трејлер на „Нетфликс“, бандата е затворена во Банката на Шпанија повеќе од 100 часа. Тие успеаја да го спасат Лисабон, иако им претстои еден од најмрачните моменти. Професорот е фатен од Сиера и првпат нема план за бегство. И баш кога се чини дека не постои нешто друго што би тргнало наопаку, на сцената излегува непријател помоќен од кој било: армијата. Се ближи крајот на најголемиот грабеж во историјата, а она што започна како грабеж, ќе се претвори во војна.
Фото: Screenshot/YouTube