Најновата драма на Ејч-би-о, „Сцени од брачниот живот“, за кратко време ѝ го привлече вниманието на публиката.
Оваа мини-серија е адаптација на оригиналот на Ингмар Бергман, шведски режисер од 1973 година, и е една од многуте досега претставени. Сепак, во оваа најнова адаптација се крие вистински филмски скапоцен камен.
Пред неколку недели, на филмскиот фестивал во Венеција, Џесика Честејн и Оскарј Ајзак со еден интимен поздрав на црвениот тепих предизвикаа вистинско лудило во медиумите и на социјалните мрежи.
Едноставен бакнеж и чиста хемија, но онака како што професионалните актери знаат да го направат тоа, ја пласира нивната најнова соработка во мини-серијата „Сцени од брачниот живот“ на сите насловни страници од светот на филмот и поп-културата. Но, освен ефективниот публицитет, овој римејк навистина ги заслужува сите аплаузи и пофалби.
Ингмар Бергман е мајстор во својот занает. Со неверојатна леснотија тој создава драми кои никогаш не се здодевни во нивната наративност, и интелигентно ги анализира љубовта и човечките односи, кои се сѐ само не едноставни. Такво е и неговото ремек-дело од 1973 година, кое досега се појавуваше во неколку различни варијации низ годините.
Но, најновиот римејк ги освои и критичарите и гледачите поради извонредната актерска изведба и модерната адаптација на приказната, која, по нејзината оригинална презентација пред повеќе од 40 години, поттикна пораст на бројот на разводи.
На прашањето како се чувствува знаејќи дека поединци биле толку погодени од гледањето на неговата мини-серија што поднеле барање за развод, Бергман рече дека е среќен бидејќи тоа значело оддалечување од околината и ситуации кои ги прават мизерни и несреќни.
Дали тоа ќе се случи и со оваа адаптација, тешко е да се каже. Но, судејќи според досегашните критики, станува збор за одличен филм што ќе ве прикова пред екраните. Овој римејк од пет дела на Ејч-би-о ја преиспитува брачната врска на Џонатан и Мира, но низ призмата на модерниот живот.
Овој пат во обратни улоги, таа како успешна жена со висока плата и завидна кариера во светот на технолошката индустрија, а тој како академик и татко кој се грижи за нивната ќерка.
Турбулентен период со една голема пауза и нов почеток проследен со сцени што ќе ги допрат и најсреќните парови и ќе ве впијат во нивната љубовна врска. Без многу откривање, ова е серија што треба да ја гледаат речиси сите, особено со оглед на тоа што се споменува и веројатна номинација за „Еми“.
Фото: Screenshot/YouTube