Веќе научивме дека само затоа што некоја компанија патентирала некаква технологија, не значи дека таа технологија некогаш ќе го види светлото на денот.
Но, патентот што „Мајкрософт“ го регистрира во САД може да значи дека епизодите од познатата серија „Црно огледало“ почнуваат да се остваруваат.
Имено, „Мајкрософт“ патентира четбот со кој управува вештачка интелигенција, чија главна задача е да имитира некоја личност, на пример, починат член од семејството или пријател.
Од „Мајкрософт“ замислуваат тој четбот да функционира во форма на апликации за паметен телефон, а за навистина да работи, му треба пристап до голема количина на приватни и чувствителни информации, како што се пораки со некоја личност, за вештачката интелигенција да препознае и да научи да го имитира стилот на личноста, зборовите што ги користела и начинот на кој се изразувала. Како главен извор на податоци се споменуваат профилите на социјалните мрежи и апликациите за допишување.
Ова е првпат видено во серијата
„Црно огледало“, па ќе ве потсетиме на епизодата во која се користи токму вештачката интелигенција за имитирање на почината личност.
Со оглед на тоа дека дигиталното присуство на интернет и на социјалните мрежи е сѐ посилно, не би требало да биде тешко вештачката интелигенција да собере доволно информации за создавање „виртуелни“ личности. Но, се поставува прашањето дали личноста што починала би сакала нејзиниот дигитален живот да се користи по нејзината смрт.
Ако ваквата апликација заживее, ќе треба внимателно да се состават правилата за користење. Којзнае, можеби во иднина во тестаментот ќе наведуваме дека сакаме нашите најблиски да продолжат да разговараат со нас и по смртта?
Фото: Screenshot/YouTube