X
 26.05.2022 Образование

Лани на медицинските факултети во земјава дипломирале 826 студенти

Во 2021 година во Македонија дипломирале вкупно 7.753 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, што претставува зголемување за 12,2% во споредба со 2020 година, соопштија од Државниот завод за статистика. Од вкупниот број дипломирани студенти, 6.528, односно 84,2% се редовни, а 1.225, односно 15,8% се вонредни студенти. 58,8% се дипломирани студентки. Од вкупниот број студенти, 28% дипломирале во рокот, додека 72% дипломирале по рокот.

На државните високообразовни установи дипломирале 5.630 лица, од кои 5.060 биле редовни студенти, додека 570 вонредни.


Податоците покажуваат дека во рамките на државните универзитети, најмногу студенти дипломирале на најголемиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје - вкупно 2.656. На второто место се наоѓа Универзитетот во Тетово со 1.326 дипломирани студенти, а по него следува Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со 895 издадени дипломи, па Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола со 568 дипломирани студенти и на крајот е Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде што лани дипломирале 32 лица. На државните високи стручни школи лани дипломирале 76 лица, и тоа сите на Високата медицинска школа во Битола.

Доколку се анализираат податоците за најголемиот универзитет во земјава, УКИМ, може да се забележи дека најмногу студенти лани дипломирале на Економскиот факултет, вкупно 455. По него следува Филолошкиот со 267 одбранети дипломски, а веднаш зад него е Филозофскиот со 259 дипломци. На Правен дипломирале 242 лица, на Медицински 179, на Машински 160, на Природно-математички 155, на Педагошки 147, на ФИНКИ 119, на ФЕИТ 113 и на сите останати се дипломирани двоцифрен број на студенти, освен на Архитектонскиот и Факултетот за ветеринарна медицина, каде што дипломирале 7, односно 9 студенти, соодветно.

На Универзитетот во Тетово најмногу студенти дипломирале на Факултетот за медицински науки - вкупно 350. Потоа следува Природно-математичкиот факултет со 175 дипломирани студенти, Филолошкиот со 167, Педагошкиот со 112 итн.

И Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип најмногу образовал лекари, па најмногу дипломи биле издадени од Факултетот за медицински науки, вкупно 297. Второто место го зазема Факултетот за туризам и бизнис-логистика - дисперзирани студии во Гевгелија со 131 дипломиран студент, а третото - Филолошкиот факултет со 86 дипломирани студенти.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола најмногу дипломи биле издадени од Економскиот факултет во Прилеп - вкупно 133, а по него следува Факултетот за туризам и угостителство во Охрид со 89 дипломирани студенти, Педагошкиот факултет со 83, Техничкиот со 73 итн.

На Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид сите факултети имаат по едноцифрен број дипломирани студенти, а најмногу, вкупно 9, дипломирале на Факултетот за компјутерски науки и инженерство.

Доколку се соберат сите студенти што дипломирале медицински науки во земјава, излегува дека во 2021 година сме добиле 826 нови лекари.

diplomirani-drzavni-1

diplomirani-drzavni-2

diplomirani-drzavni-3
Фото: ДЗС (за поголема резолуција, кликнете на сликата)

На приватните високообразовни установи дипломирале 2.022 лица, од кои 1.387 редовни студенти и 635 вонредни.

Во однос на приватните високообразовни установи, најмногу студенти дипломирале на Јужноевропскиот универзитет - Тетово - вкупно 433, по кој следуваат Меѓународниот славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ - Свети Николе со 283, Американ колеџ со 196 дипломирани студенти, Меѓународен универзитет „Визион“ - Гостивар со 180 дипломци, Меѓународниот балкански универзитет - Скопје со 137 дипломци, Европскиот универзитет - Скопје со 124 издадени дипломи, Универзитетот АУЕ - ФОН - Скопје со 123, ПВОУ за бизнис-економија „Еуро колеџ“ - Куманово со 57, МИТ Универзитет - Скопје со 43, Факултетот за бизнис-економија со 26 и Европа Прима - Интернационален универзитет - Скопје со 23.

На приватните високи стручни школи лани дипломирале 72 лица, од кои едно на Колеџот за медицинска козметологија и физиотерапија МИТ - Скопје, а останатите на Бизнис-академијата „Смилевски“.





На верските факултети минатата година дипломирале 101 лице, од кои едно на Православниот богословски факултет, а другите 100 зеле диплома од Факултетот за исламски науки.


Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование