X
 26.05.2026 Живот

Високи температури во Западна Европа, паднаа рекорди во Британија, Ирска и Франција

Делови од Европа ги очекува уште еден невообичаено топол ден за мај. Температурите растат веќе неколку дена, а уште вчера во Британија и Франција достигнаа повеќе од 30 Целзиусови степени, што е рекордно за овој месец.

Смртни случаи 

Во Италија се воведени локални ограничувања за работа на отворено, француските плажи се преполни со капачи и покрај недоволниот број спасувачи, а земјоделците се принудени на порана жетва.

Според податоците на „Метео-Франс“, понеделник во Франција беше најтоплиот досега евидентиран ден во мај.

Портпаролката на владата Мод Брежон извести за „седум смртни случаи“.

„Можам да ве известам за седум смртни случаи директно или индиректно поврзани со топлината“, рече Мод Брежон за ТФ1, додавајќи дека сето ова ќе треба да се разјасни откако актуелната ситуација ќе помине.

Линди Бренд-Далоз, 66-годишна Австралијка која веќе 12 години живее во Лондон, не се сеќава на ваква топлина во мај: „Се надевам дека помладата генерација навистина ќе го сфати ова сериозно и ќе ги промени своите навики. Но, загрижувачки е кога гледате целосно рамнодушни светски лидери“.

Рекордни температури во Британија и Ирска

Феноменот е последица на топлиот воздух што доаѓа од Северна Африка, кој останува заробен под висок притисок на силен антициклон. Според научниот консензус, климатските промени предизвикани од човечкото дејствување влијаат врз тоа екстремните временски настани, како што се топлотните бранови, сушите и поплавите, да станат уште поинтензивни.

Како резултат на таа „топлотна купола“, живата во понеделникот првпат се искачи на 34,8 Целзиусови степени во Кју Гарденс, ботанички парк југозападно од Лондон. Со тоа е надминат претходниот рекорд за мај, евидентиран во 1944 година, и тоа за дури 2 степени.

Франција бележи десетици локални рекорди

Во Франција, покрај националниот топлотен рекорд за мај во понеделникот, соборени се и повеќе локални рекорди, според „Метео-Франс“. На западот од земјата биле измерени 34,3 степени, а на југозападот - 34,7 степени.

Топлотниот бран би требало да се засили денес, со највисоки температури од 36 степени кои се очекуваат во одделни француски општини. Истиот извор предвидува дека тој ќе потрае до крајот на неделата. Благото пролетно време веќе поттикна некои земјоделци и овоштари порано да наберат одредени плодови, а лозарите ги очекува рана берба на грозјето.

Шпанија и Италија на удар

Во Шпанија, метеоролошките служби предупредија на тропски ноќи на југозападот кои би требало да започнат утре, а нивниот врв се предвидува меѓу среда и петок, со највисоки температури од 36 до 38 Целзиусови степени.

Во италијанскиот регион Лацио, чиј главен град е Рим, во понеделникот беше усвоен пропис со кој се ограничува работата што подразбира долготрајно изложување на сонце меѓу 12:30 и 16:00 часот.  Ова правило минатата година почна да се применува на 30 мај.

Извештајот што кон крајот на април го објавија Европската служба за климатски промени „Коперник“ (Ц3С) и Светската метеоролошка организација (ВМО) истакнува дека од осумдесеттите години на минатиот век Европа се загрева двојно побрзо од глобалниот просек и дека топлотните бранови стануваат сè почести и поинтензивни на најмалку 95 проценти од европската територија.

Извор: index
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот