X
 16.09.2024 Живот

Некои од најчудните Гинисови рекорди за 2024 година

Гинисовата книга на рекорди ги објави најнеобичните достигнувања за 2024 година, одбележувајќи ја 70-годишнината во своето издание за 2025 година. Меѓу новите рекорди има и тинејџер со неверојатно големи стапала, импресивни трикови на кучиња и колекции на необични предмети.

Еден од истакнатите рекорди му припаѓа на 16-годишниот Ерик од Мичиген, кој има најголеми раце и стапала меѓу тинејџерите. Неговите чевли се со големина 58, а ракавици тешко наоѓа поради неговата градба. И покрај предизвиците, Ерик се справува со тоа со позитивен став и истакнува дека тоа му помага во запознавање нови луѓе.

Кучињата Бони и Симба од Велика Британија го соборија рекордот за изведување најмногу трикови во одредено време, вклучувајќи фрлање 16 шишиња во корпа за рециклирање во рок од една минута и 17 парчиња облека закачени на јаже за алишта.

Сабрина Даусман од Илиноис ја поседува најголемата колекција на играчките „скуишмелоус“ во светот, со дури 1.528 примероци. Нејзината љубов кон кадифените играчки започнала во 2018 година кога ја видела играчката во „Волмарт“. Оваа колекционерка планира да продолжи да собира кадифени играчки и да создава свои сопствени „скуишмелоус“.

Аднан Алмуса Алфермли од Сирија го држи рекордот во кревање тегови со инвалидска количка, кревајќи 32,57 килограми.

Деветгодишната Ема Каваками направила најмногу превртувања наназад од 540 степени на скејтборд за една минута. Имено, таа извела 13 различни трикови во рок од 60 секунди.

Изданието на Гинисовата книга на рекорди за 2025 година, објавено на 12 септември, има долга листа со достигнувања. Вклучува 2.115 записи, како што се најголем број чекори наназад за 30 секунди, најголемата електрична четка за заби, најголемиот број магични трикови изведени во една минута и најголемата колекција на откачени возила во музеј.

- Во текот на изминатата година прегледавме речиси 30.000 записи, а резултатот е книга полна со илјадници фантастични факти и подвизи во кои ќе ужива целото семејство - истакна Крег Глендеј, главен уредник на Гинисовата книга на рекорди.

Извор: vecernji.hr

Фото: Amazon

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот