Последните 9 години 30 јуни се одбележува како Светски ден на социјалните мрежи. Идејата за одбележување на ваквиот ден се родила во редакцијата на
Mashable во 2010 година, а за многу кратко време се проширила низ целиот свет.
Иако
социјалните мрежи се релативно млад феномен, веќе се остварени импресивни бројки и поставени се неверојатни рекорди. Впрочем, кој може денес да го замисли животот без „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“ и другите социјални мрежи. Еве неколку интересни рекорди поврзани со овој феномен.
(
Фото: Pixabay)
Објава со најмногу лајкови на „Инстаграм“
Рекордот повеќе од една година го држеше Бијонсе, со објавувањето на својата последна бременост. Но од тронот беше симната од една од сестрите Кардашијан, Кајли Џенер, кога во февруари 2018 година го објави раѓањето на својата ќерка Сторми. Таа фотографија моментално има речиси 18 милиони лајкови.
Објава со најмногу лајкови на „Твитер“
Поранешниот американски претседател Барак Обама може да се пофали со многубројни пријатели на „Твитер“, а неговиот цитат од Нелсон Мандела за време на немирите во Шарлотсвил минатата година доби повеќе од 4,5 милиони лајкови и речиси 1,7 милион ретвитови.
Првото видео на „Јутјуб“
Првото видео поставено на „Јутјуб“ трае само 19 секунди и го прикажува коосновачот Џавед Карим во зоолошка градина. Видеото досега има неверојатни 51 милион прегледи во овие 13 години откако е достапно за прегледување.
Најмногу следбеници на „Твитер“
Иако во текот на годиниве на листата со најследени личности се менувале многу лица, во последно време на тронот убедливо се наоѓа американската пејачка Кети Пери со неверојатни 109 милиони пријатели. Следуваат канадскиот пејач Џастин Бибер со 106 и поранешниот американски претседател Барак Обама со 103 милиони пријатели. Интересно е да се истакне дека најследениот бизнисмен на оваа мрежа е основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, со повеќе од 46 милиони пријатели.
Видео со најмногу прегледи
Речиси и да не постои човек на светот кој не го слушнал минатогодишниот хит „Деспасито“. Видеото за оваа нумера, во изведба на Луис Фонси и Деди Јенки, е прегледано неверојатни 5 милијарди пати. Бројката и натаму расте. Не е познато колку луѓе ја преслушале оваа песна повеќе од еднаш, но и без тој податок бројката е импресивна.
Најпопуларни забавни страници на „Фејсбук“
Во последните неколку месеци многу луѓе одлучиле да го намалат користењето или во целост да го исклучат својот профил на „Фејсбук“. Но, милијарди луѓе низ светот и натаму ја користат оваа најпопуларна социјална мрежа, во еден дел поради тоа што им е канал за комуникација со пријателите, а дел затоа што на едно место можат да добијат посакувани информации за луѓе и брендови. Исто така, интересно е да се забележи дека три страници што имаат најмногу пријатели на оваа мрежа всушност се фан-страниците на „Фејсбук“ –
Facebook, Facebook Sales Germany и Facebook for Every Phone, со по 208 милиони пријатели. Следуваат
Samsung Mobile USA со 156 милиони и португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо со 122 милиони.
Најпопуларна социјална мрежа
Не треба да се потенцира дека „Фејсбук“ со повеќе од 2,2 милијарди активни корисници е најпопуларната социјална мрежа на светот. Следува „Јутјуб“ со 1,5 милијарда, „Инстаграм“ со 813 милиони корисници и „Тамблр“ со 794 милиони.
Најпопуларна апликација за допишување
„Ватсап“ е убедливо најпопуларната апликација за размена на инстант-пораки со повеќе од 1,5 милијарда корисници. Следуваат „Фејсбук Месинџер“ со 1,3 милијарда и „Вичат“ со 980 милиони.
Емотикони што најмногу збунуваат
Emoji или смајлиња станаа неизбежен дел од дигиталниот живот. Ги користиме во пораки, во објави на социјалните мрежи, во апликациите за допишување, па дури и во е-пораките. Но, со толку различни емотикони понекогаш е тешко да се избере вистинскиот, а неколку од нив со својот изглед ги збунуваат корисниците низ светот. Според студијата спроведена на Универзитетот во Минесота, смајлито со „цврсто затворени очи и со отворена уста“ најмногу ги збунувало корисниците – додека едни сметале дека означува еуфорично смеење, други претпоставувале дека изразува екстремна болка. Што велите вие?