X
 26.06.2017 Култура

Зошто треба да ги знаеме овие десет живи филозофи?

Лесно е да се мисли дека сите добри идеи некој веќе ги смислил; на крајот на краиштата, филозофијата постои повеќе од 2.500 години. Но, сѐ уште постојат генијални филозофи. Ги издвојуваме десетте наши современици чии идеи се вредни за проучување.

Ноам Чомски

Еден од најцитираните филозофи во модерното време, Ноам Чомски, исцрпно пишува за лингвистиката, когнитивната наука, политиката и историјата. Неговото дело има влијание речиси врз сѐ, од развојната психологија до дебатите помеѓу рационализмот и емпиризмот, и води до отфрлање на поддршката за бихевиоризмот. Тој е јавен интелектуалец и активен критичар на општеството.

Безбојните зелени идеи спијат бесно.


Славој Жижек


Жижек е модерен марксист кој надолго и нашироко ги коментира културата, општеството, теологијата, психологијата и нашиот стремеж светот да го гледаме низ објективот на „идеологијата“. Најголем влог има во надградувањето на идејата за дијалектичкиот материјализам.

Човештвото си е океј, но 99 % од луѓето се здодевни идиоти.

Корнел Вест

Корнел е американски филозоф кој се фокусира на политиката, религијата, расата и етиката. Тој е чест гостин на телевизиските „ток шоуа“, па дури има и камео улога во филмовите „Матрикс“. Неговото е дело е проширување на идеите на Вилијам Едвард Бергарт Дубоа, а се концентрира и на прашањето на „Другоста“ во модерното општество.

Просветителскиот светоглед што го застапува Дубоа е крајно неадекватен и, на многу начини, застарен за нашето време.

Марта Нусбаум


Американка-филозоф на Универзитетот во Чикаго, Марта пишува на различни теми како античка Грција, филозофија, етика, феминизам, политичка филозофија и права на животните. Заедно со Амартија Сен го развија пристапот за оспособување на лицата, што го поттикна Индексот на човеков развој на Обединетите нации.

Фактот што Аристотел верувал во нешто не го прави вистинито. (Иако ме обвинувале дека понекогаш сум го заземала тој став!)

Аластер Макинтајер


Макинтајер е шкотски филозоф кој пишува за етиката и моралот, политичката филозофија, теологијата и за историјата на филозофијата. Најпопуларна книга му e Во потрага по доблеста (After virtue). Неговата филозофска мисла на почетоците е марксистичка, за подоцна да ја комбинира со новиот католицизам и нео-аристотеловските согледувања. 

Не го чекаме Годо, туку другиот, несомнено многу различен – Свети Бенедикт.

Даниел Денет

Американски филозоф, когнитивен научник, и еден од таканаречените Четворица јавачи на Новиот атеизам. Со децении пишува за слободната волја, а го поддржува компатибилистичкиот поглед. Исто така, пишува за начинот на кој размислуваат филозофите, објаснувајќи како идејата за „интуициска пумпа“ може да нѐ заблуди и да нѐ просветли.

Дарвиновата револуција истовремено е научна и филозофска, и ниедна не може да настане независно од другата.

Филип Кичер


Како аналитички филозоф кој работи на Универзитетот „Колумбија“, д-р Кичер е темелно сосредоточен на филозофијата на науката. Неговото дело е концентрирано на критериумот „добра“ наука и на филозофија на климатските промени.

Обемната научна теорија, како таа на Њутн, отвора нови области на истражување... Со оглед на тоа што теоријата ни претставува нови погледи на светот, може да нѐ води кон нови прашања и на тој начин да почнеме нови и плодни истражувања.   

Питер Сингер

Авторот на Животот што можеш да го спасиш, книга за утилитаризмот што од секого бара да биде алтруист, создава организација посветена на идејата. Пишува за правата на животните и е вегетаријанец. Неговите ставови за евтаназијата и квалитетот на животот се причина за голем број протести во текот на годините, поради што се чувствува спречен отворено да зборува.

Не сме одговорни само за тоа што го правиме, туку и за тоа што сме можеле да го спречиме.

Амартија Сен

Индиски филозоф и Нобеловец кој со децении работи на економијата на благосостојба, теоријата на способноста и на прашањата за праведноста. Често пишува и за потребата од разгледување на примената на филозофските идеали како степени на успехот, наместо како „постоечки“ и „непостоечки“. Со својата работа ја инспирира Марта Нусбаум што води кон здржен труд.

Демократијата не треба да биде оценета само од институциите што формално постојат, туку и од тоа до кој степен може да се слушнат различните гласови од различните делови на народот.


Џудит Батлер

Уште една американка-филозоф која пишува за родот, политиката, себството и притисоците на културата. Таа ја развива  теоријата за родовата перформативност, тврдејќи дека не постои род без дејства во насока на изразување на родовата улога.

Не постои родов идентитет зад експресијата на родот; тој идентитет перформативно се состои во „експресиите“ за кои се вели дека се негов резултат. 

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура