Министерството за просвета на Грција испрати циркуларно писмо до сите училишта со кое ги известува дека учениците не смеат да носат мобилни телефони на училиште, но и дека веќе нема да бидат следени од камери за надзор.
Не е дозволено учениците да носат на училиште каков било електронски уред или уреди за игри со систем за обработка на фотографии и звук.
Електронската опрема што им ја обезбедува училиштето учениците можат да ја користат само во текот на наставата и само под надзор на наставник.
Наставниците можат за наставата да користат и свои електронски уреди, но под услов да ги почитуваат одредбите за заштита на личните податоци на учениците и наставниците.
Министерството укажа дека на училишните веб-страници веќе не смеат да поставуваат фотографии и снимки од учениците на кои тие можат да се препознаат.
Доколку овозможуваат идентификација на прикажаните лица, фотографиите и снимките се лични податоци. Тоа е утврдено со закон уште во 1997 година. Според тој закон, обработката и објавувањето, како и чувањето во дигитална форма на фотографиите или снимките од училишниот живот можат да се користат само ако лицето што е на нив или неговите родители или старатели имаат дадено согласност.
Министерството за просвета на Грција со истото циркуларно писмо дозволило користење на безбедносните камери во училиштата, но само во време кога училиштата не работат, поради спречување кражби.
Времето во кое камерите работат мора да биде јасно истакнато на огласна табла во училиштето, така што сите ученици и просветни работници би знаеле дека никој не ги следи додека се во училиштето, стои во упатството.
Според грчките медиуми, оваа одлука министерството ја донело на барање на Управата за одржување и изградба на училишни згради, за да се спречи нивното
оштетување.