X
 06.09.2019 Култура

Дали девојките и момчињата имале исто образование во античка Грција?

Грците сакале да учат. Верувале дека книгите и учењето се еден од најдобрите начини да се помине времето, а училиштето воопшто не го сметале за обврска, туку се радувале за дадената можност да го надградат своето знаење. Но, немале сите ваква можност.

Детското образование во античка Грција во голема мера зависело од полот. Подготвувајќи се за живот во јавната сфера, богатите деца во текот на класичниот период оделе на училиште каде што се соочувале со физички и ментални предизвици. Кога станува збор за девојчињата, образованието било несистематично, во домот, ако воопшто и постоело.

Во раната историја на Грција само богатите мажи биле образовани, а младите момчиња обично имале свои наставници кои им предавале математика, пишување и воени вештини. Работите што ги учеле децата зависеле од тоа каде живееле во Грција. Ако момчето растело во Спарта, целокупното школување било подготовка за војска. Во Атина, пак, студентите учеле неколку предмети - музика, книжевност, астрономија, реторика...

Како што Грција станувала демократски ориентирана, реториката станала доста важен предмет за децата што оделе на училиште. Грците верувале дека во демократијата човек треба да биде добар говорник. Учеле реторика со помнење на познатите говори од минатото, а учеле и поезија со помнење на цели песни.

Но, за разлика од момчињата, девојчињата главно учеле да читаат и пишуваат, но ништо повеќе од тоа. Всушност, нивното образование се сведувало на тоа како да станат добри домаќинки. Учеле да готват, шијат и да се грижат за децата. Сепак, и ова учење зависело од областа каде што живееле девојчињата. Во Спарта девојчињата добивале и лесни воени должности. Исто така, од нив се очекувало да вежбаат многу за да имаат здрави бебиња што во иднина би можеле да служат во војска. Во Спарта девојчињата обично добивале повисоко образование од девојките во Атина. Но, тоа главно било само физички тренинг, без книги и домашни задачи, туку само вежби.

Девојчињата од Атина немале право на глас, ниту право на учество во јавниот живот. Се сметале за дел од домаќинството на чие чело се наоѓал мажот, кој „господарел“ со домаќинството. Улогата на господар ја имал таткото, а откако девојките ќе се омажеле, улогата му припаѓала на нивниот сопруг.

Од друга страна, девојките од Спарта биле во подобра позиција. Нивната главна улога била да подарат здраво потомство и токму поради тоа биле доста ценети.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура