Не секој адолесцент ужива во математиката, па потребно е да се истражуваат можните алтернативи како тренинг по логика и резонирање, кои го ангажираат истото подрачје од мозокот.
Адолесцентите што прекинале да учат математика покажале поголем недостиг во поглед на когнитивниот и развојот на мозокот во споредба со врсниците што продолжиле да учат математика, покажуваат резултати од студија објавена во американското научно списание ПНАС.
Студијата опфатила 133 ученици на возраст од 14 до 18 години, кои учествувале во експеримент на истражувачите од Одделението за експериментална психологија при Универзитетот во Оксфорд. За разлика од мнозинството земји низ светот, во Велика Британија 16-годишниците можат да одлучат да го прекинат нивното математичко образование. Таа ситуација му овозможила на тимот да испита дали тој специфичен недостиг на образование од областа на математиката, кај ученик кој доаѓа од слично опкружување, би можел да влијае врз развојот на мозокот и спознавањето.
Студијата открила дека учениците што не изучувале математика имале помала количина од клучна хемикалија за пластичност на мозокот (гама-аминобутеринска киселина) во клучниот предел на мозокот, кој е вклучен во многу важни когнитивни функции, меѓу кои и расудувањето, решавањето проблеми, математика, меморија и учење. Врз основа на количината на мозочните хемикалии пронајдени кај секој ученик, истражувачите можеле да ги разликуваат адолесцентите кои учеле или не учеле математика, независно од нивните когнитивни способности. Дополнително, количината на тие мозочни хемикалии успешно ги предвидела промените во математичкиот резултат околу 19 месеци подоцна. Значајно е што истражувачите не пронашле разлики во хемиската супстанција во мозокот пред адолесцентите да прекинат да учат математика.
Рои Коен Кадош, професор по когнитивна невронаука на „Оксфорд“, бил водич на студијата.
- Математичките вештини се поврзани со низа корисни нешта, вклучувајќи ги и вработувањето, социо-економскиот статус и менталното и физичкото здравје. Адолесценцијата е важен период во животот кој е поврзан со важни мозочни и когнитивни промени. За жал, можноста да се прекине со учење математика на таа возраст се чини дека доведува до јаз меѓу адолесцентите што го прекинуваат образованието по математика во споредба со оние што го продолжуваат. Нашата студија дава ново ниво на биолошко разбирање на влијанието на образованието врз мозокот во развојот и заемните ефекти меѓу биологијата и образованието - истакнал тој.
Професорот нагласува и дека сѐ уште не се знае како може да се спречи ова несогласување или неговите импликации. Не секој ужива во математиката, вели тој, па мораме да ги истражиме алтернативите, како тренинг по логика и резонирање, кои го ангажираат истото подрачје во мозокот како и математиката.
- Иако ја започнавме оваа линија на истражување пред пандемијата на ковид-19, се прашувам како намалениот пристап до образованието општо, а особено до математиката (или недостигот од него поради пандемијата) влијае врз мозокот и когнитивниот развој на децата и адолесцентите. Иако сѐ уште не сме свесни за долгорочното влијание на овој прекин, нашата студија нуди важно разбирање за тоа како недостигот од една компонента во образованието - математиката - може да влијае врз мозокот и однесувањето - нагласува Кадош.
Извор:
Science Daily
Насловна фотографија: Unsplash