X
 15.11.2016 Здравје

Европа одобри нов лек за лекување на рак на дојка

Европската комисија (ЕМА) минатата недела го одобри излегувањето во продажба на лекот „palbociclib“ како иновативна терапија за напреден метастатски карцином на дојка, со оглед на тоа дека клиничките испитувања покажаа дека лекот значително го продолжува животот на жените кои се борат со најсериозна форма на рак на дојка.

Метастатскиот карцином на дојката е најтешката фаза на болеста, кога ракот се проширува на другите органи, па како таков е неизлечив, а се развива кај околу една третина од жените на кои им било дијагностициран ран стадиум на рак на дојка и кои примиле стандардна терапија.


рак на дојка


Терапијата со „palbociclib“ ќе стане достапна за жените во Европа


Американската администрација за храна и лекови (FDA) го одобри лекот, развиен од страна на компанијата „Pfizer“, во февруари 2015 година, а во САД досега е применет за третман на повеќе од 18.000 жени со метастатски рак на дојка.

Со оглед дека севкупното продолжување на животот на пациентите со напреден стадиум на рак на дојка е од 2 до 4 години, лекот „palbociclib“ претставува голем напредок во лекувањето, поради тоа што делува на повторно воспоставување на контрола над растот на клетките на клеточниот циклус и го блокира растот на клетките на туморот одложувајќи ја прогресијата на болеста.

Клиничките студии покажале дека новите терапии во комбинација со друга ендокрина терапија го зголемува двојно времето на живеење без напредување на болеста кај жените со HR+/HER2 метастатски рак на дојка, притоа овозможвајќи им добар квалитет на нивниот живот.

И покрај значителниот напредок во лекувањето на ракот на дојката, што доведе до порано откривање на болеста и развој на повеќе ефикасна терапија, оваа болест е далеку од тоа да биде поразена. Особено тоа се однесува на лекувањето на метастатскиот рак, за кој има потреба од повеќе лекови што ќе го спречат влошувањето на болеста, ублажување на симптомите и продолжување на квалитетот на живот колку што е можно повеќе-оцениле експертите, кои се собраа минатата недела во Прага на конференцијата за лекување на метастатски рак на дојка.
SaveSaveSaveSave
Подготвил: Светлана Петковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје