Врз основа на член 33 став (4) од Законот за студентски стандард, Владата на Република Севeрна Македонија на ден 18 јуни 2019 година на редовна седница донесе одлука за доделување средства на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје.
Со оваа одлука на Државниот студентски дом - Скопје му се доделуваат вкупно 94.109.521,00 денари, или околу 1,5 милион евра од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година. Средствата што ги доделува Владата се наменети за намирување на трошоците за тековно работење во однос на режиски трошоци за потрошена електрична енергија, парно/мазут, комунална хигиена и вода. Станува збор за средства кои Државниот студентски дом - Скопје не може да ги предвиди и планира од сопствениот буџет со оглед на состојбата во која се наоѓаа сите студентски домови претходните години.
Ова е трета финансиската помош од Владата и со оваа поддршка Државниот студентски дом-Скопје го затвора долгот за режиските трошоци. Исто така, минатата недела Собранието на РСМ го усвои и дополнувањето на Законот за студентскиот стандард во кој покрај режиските трошоци како досега, Владата може финансиски да помогне и кај другите трошоци што се однесуваат на исхраната и одржувањето.
Владата прави сериозни напори да им овозможи пристоен престој на студентите во сите студентски домови. Државниот студентски центар со поддршка од Владата и Министерството за образование и наука го најавува реновирањето на домот „Стив Наумов“. Во моментов се работи на уредување на дворовите и на завршување на најавените проекти.