Меѓународен тим на научници е чекор поблиску до создавање
вештачки ембриони, откако користеше матични клетки од глувци за формирање структури врз кои е можен натамошен развој на клетки и ембриони.
(
Фото: Pixabay)
Научниците веруваат дека во иднина на ист начин ќе можат да се создаваат и човечки ембриони, што ќе овозможи и подобро истражување на разните фази од човечкиот развој, користејќи вештачки, а не природни ембриони.
Тимот што го предводи Магдалена Зерник-Гец од Универзитетот „Кембриџ“ претходно, во лабораториски услови, креира поедноставна структура која потсетува на ембрион од глушец. Тој труд подразбираше два вида матични клетки и тродимензионална структура врз која ќе се развиваат клетки.
Меѓутоа, сега научниците развија структури користејќи три вида матични клетки, со што е овозможен процес на таканаречена гаструлација.
Гаструлацијата подразбира суштински важен чекор кога клетките од ембрионот почнуваат да се самоорганизираат во правилна структура која овозможува развој на ембрион.