На актерот Данчо Чеврески, ќе му биде врачена наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и телевизијата вечерва во 20 часот во Амфитеатарот во Струмица. Со тоа ќе биде означен почетокот на 14. Издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.
По врачувањето на наградата, премиерно ќе биде прикажан американскиот филм „Кожа“, кој доби „Оскар“ за најдобар краток игран филм. Режисер е Гај Натив, а станува збор за минуциозна драма за злосторството во едно мало градче со порака против бесмислените неправди и расизмот.
Од 22 часот ќе бидат прикажани 12 кратки филма.
Фестивалската програма ќе продолжи утре во 11.30 часот во предворјето на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Вељуса, со Тивериополската беседа и портретот на овогодишниот лауреат. Во 20.30 часот во Амфитеатарот со присуство на повеќе автори ќе има проекција на уште еден ексклузивен блок од 11 кратки филмови.
Во официјалната програма на „Астерфест“ се кратки играни, документарни и анимирани филмови селектирани под мотото „Кратки резови“, за коишто ќе одлучува меѓународното жири составено од: ирскиот камерман Ед Годсел, словенечкиот режисер Андреј Кошак, бугарската дистрибутерка Гинка Андреева и актерот Данчо Чеврески.
Фестивалот трае до 29 јули, а го помогна Општина Струмица и Агенцијата за филм.