По две години чекање, фантастичната драма „Куќа на змејот“ конечно се врати на малите екрани. Третата сезона, која ја продолжува приказната за борбата на семејството Таргариен за Железниот престол, премиерно беше прикажана на 21 јуни, а обожавателите можат да очекуваат неделна доза на интриги, судири и змејови сè до почетокот на август.
Предисторијата на популарната серија „Игра на троновите“ првпат беше емитувана во 2022 година, а како и оригиналната серија, бара долго време за продукција. Рајан Кондал, еден од авторите, вели дека само за смртоносната поморска битка што ја отвора третата сезона биле потребни две години истражување.
- Снимањето на таа една епизода беше изискувачко како работа на голем франшизен филм - објасни Кондал зборувајќи за Битката кај Галет, долгоочекуваниот настан од книгата „Оган и крв“ на Џорџ Р. Р. Мартин.
- Најдобрата работа е што освен широките кадри и, секако, змејовите, сè е снимено практично. Акцијата, бродовите и водата во најголем дел се вистински. Повторно ќе кажам, според вложените ресурси, тоа не се разликуваше многу од снимање на некој голем франшизен филм - додава тој.
Спектакуларен почеток на сезоната
Третата сезона на „Куќа на змејот“ започна на 21 јуни, со премиерна епизода што трае повеќе од еден час. Во неа е прикажан еден од најкрвавите и најнасилни судири во историјата на Вестерос - Битката кај Галет.
Како и втората сезона, и третата ќе има осум епизоди, потврди Ејч-би-о.
- Кога заврши првата сезона, знаевме каде се наоѓаме во приказната. Имавме јасен пат до крајот и знаевме како завршува ова поглавје од историјата на семејството Таргариен. Имајќи го тоа предвид и знаејќи приближно колку време ни е потребно за да ја раскажеме приказната до таа точка, беше неопходно малку да се избалансира наративот. Овој ритам од осум епизоди ни помогна да го постигнеме тоа - објасни Кондал.
Досега се прикажани четири епизоди од третата сезона, а новите продолжуваат да пристигнуваат еднаш неделно. Финалето на сезоната е закажано за 9 август.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube