X
 26.07.2019 Живот

Најскапата европска земја каде просечната месечна кирија изнесува 1.500 евра

Туристите во Исланд не се потат само од гејзерите, туку и од цените во земјата. Туристите ќе ви кажат дека повеќето работи се поскапи во оваа земја, понекогаш и многу повеќе отколку кое било друго место во Европа.

На субарктичкиот остров, потрошувачките цени во просек биле повисоки за 56 отсто од остатокот од Европа во 2018 година, со што Исланд е најскапата земја, пред Швајцарија (52 отсто), Норвешка (48 отсто) и Данска (38 отсто), според податоците на „Еуростат“.

За да избегне непријатни изненадувања, студентот Квинт Џонсон спровел истражување пред да отпатува од САД во Исланд. 

- Беше шок - рече 22-годишниот студент, откако ги откри цените за работи како хамбургер со помфрит и пиво.

Едно мени во исландски ресторан покажува дека обична пица со кашкавал е 17 евра, чаша вино е 10 евра, а кригла пиво е 7 евра.

- Тоа е многу во споредба на она на кое сум навикнат - вели Џонсон.

island
Фото: AFP


Според веб-страницата „Нумбео“, што ги споредува цените, вечера за двајца во просечен ресторан изнесува 85 евра, шише вино во продавница е 17 евра, а едно пакување со 10 јајца чини 5 евра. Кога станува збор за киријата, просечната кирија за еднособен стан во центарот на Рејкјавик пак, изнесува околу 1.300 евра месечно.

Малата популација од 355.000 жители во комбинација со високата зависност од увезената стока и високите даноци за алкохол, помагаат да се објаснат високите цени во Исланд.

Регулативата, исто така, игра дел, а увезените производи базирани на работи како сурови јајца или непастеризирано млеко, се соочуваат со значителни царински бариери. Големите флуктуации во исландската крона во 2016-2017 исто така доведе до општ пораст на цените.

Исто така, постои и силна врска помеѓу тоа колку се скапи земјите и животниот стандард во нив, а Исланѓаните во просек имаат добар живот.

Во 2018 година, просечната плата за личност што работи полно работно време е 4.450 евра, според „Статистикс Исланд“. И додека трошоците за живот се шок за туристите, локалните жители имаат плати со кои можат да си ги дозволат.

- Треба да се земе предвид нивото на платите во Исланд. Тука имаме една од највисоките просечни плати во Европа - вели Бреки Карлсон, претседател на Здружението на потрошувачи на Исланд.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот