Французите во просек читаат две минути дневно, Италијанците, Австријците и Романците пет минути, додека Србите шест минути, објави Европската статистичка служба по повод Светскиот ден на книгата, кој се одбележува денес.
Фото: Thinkstock
Естонците просечно читаат 13 минути дневно, а Финците и Полјаците минута пократко, колку што читаат и Норвежаните. Унгарците, пак, над книгата поминуваат 10 минути дневно, покажа истражувањето спроведено помеѓу 2008 и 2015 година во кое учествувале луѓе на возраст помеѓу 20 и 74 години, од 15 земји-членки на ЕУ, како и Србија, Норвешка и Турција.
Податоците од Евростат покажуваат дека домаќинствата во ЕУ во 2016 година потрошиле повеќе од 90 милијарди евра, или 1,1 отсто од вкупната потрошувачка, на книги, весници и печатени материјали, односно 0,6 отсто од бруто-домашниот производ на ЕУ. По жител, станува збор за сума од околу 200 евра за книги или весници.
Фото: Eurostat
Потрошувачката за книги, весници и печатени материјали е во пад од 1995 година.
На книги најмногу трошат Словаците, 2,1 отсто од вкупната потрошувачка на домаќинствата, а најмалку Бугарите и Грците, по 0,6 отсто.
16,8 отсто од испитаниците во Финска изјавиле дека читањето книги им е една од активностите на кои најмногу трошат време. Во Полска процентот е 16,4 отсто, Естонија 15 и во Норвешка 18 отсто.
Фото: Eurostat
Од друга страна, во Франција само 2,6 отсто од испитаниците посветуваат време на
читањето. Во Србија, 8 отсто од испитаниците се фанови на книгата, а во Турција 10 отсто.
Фото: Eurostat
Во овие земји, според статистиката, повеќе читаат жените отколку мажите, но мажите што читаат го прават тоа подолго отколку жените.
Македонија не беше дел од истражувањето.