X
 26.07.2021 Живот

Зошто самците мирисаат поинаку?

Кралот Луј XIV од Франција бил опседнат со мирисите. Имало цвеќиња во секоја соба во Версај, мебелот и фонтаните биле испрскани со парфем, а и посетителите биле прскани со парфем пред да влезат во палатата. Без разлика дали тоа било затоа што неговата лична хигиена не била во согласност со стандардите што може да ги очекуваме денес, или тој само уживал во мирисите, Луј сфатил дека мирисот е важен.

Мирисот на нашето тело може да открие детали за нашето здравје, на пример, присуство на болести (колерата има сладок мирис, а акутниот дијабетес - мирис на скапани јаболка).

- Исто така, може да се откријат информации за нашата исхрана, вели Мехмет Махмут, психолог за олфакција и мирис на Универзитетот „Маквари“, Австралија.

- Постојат неколку истражувања кои се противречни, но мојата група откри дека колку повеќе месо консумирате, толку е попријатен мирисот на вашето тело - додава тој.

2
Фото: Freepik

Мажите сметаат дека мирисот на телото на жените е попријатен и попривлечен за време на фоликуларната фаза на менструалниот циклус, кога жените се најплодни, а најмалку пријатен и привлечен е за време на менструацијата. Ова можеби било корисно за нашите антички предци да откријат добри кандидати за репродукција, посочуваат авторите на трудот. Нивото на тестостерон кај мажите, исто така, може да го подобри нивниот мирис.

Иако мирисот може да се промени во зависност од нашата исхрана и здравјето, многу од она што го прави нашиот мирис уникатен е одредено од нашата генетика. Мирисот на нашето тело е доволно специфичен, а чувството за мирис е доволно прецизно, така што луѓето можат да распознаат кои маици ги носеле идентични близнаци од купче маици на непознати.

- Ова е важно затоа што покажува дека гените влијаат врз тоа како го чувствуваме мирисот - вели Агњешка Сороковска, психолог и експерт за олфакција на Универзитетот во Вроцлав, Полска.

Избираме козметика што одговара на нашите генски определени преференции за мирис. Сороковска и нејзините колеги покажаа дека е можно да се направат процени за нечија личност врз основа на нејзиниот избор на мириси. Тоа укажува на тоа дека гостите на Луј XIV можеби можеле да дознаат нешто за кралот со душкање на воздухот по пристигнувањето.

Сите овие информации се наоѓаат во мирисот на нашето тело, но дали се корисни?

Во истражување, на жените им биле дадени маици кои ги носеле случајни мажи и било побарано да ги рангираат според тоа колку се пријатни. Нивниот редослед ја следел истата шема како нешто што се нарекува човечки леукоцитен антиген (ХЛА).

ХЛА е група на протеини кои му помагаат на нашиот имунолошки систем да ги идентификува клетките што ни припаѓаат нам и клетките што потекнуваат од нешто или од некој друг - и затоа се потенцијални патогени. Генскиот комплекс што кодира за ХЛА, наречен MХЦ, исто така кодира за некои други протеини што се користат во нашиот имунолошки одговор, и е корисен како кратенка за научниците да видат каква заштита може да понуди нашиот имунолошки систем.

Вашиот ХЛА-профил е многу различен од сите други што ќе ги сретнете - иако некои луѓе, како вашите блиски роднини, ќе бидат послични на вас од другите. Од генска гледна точка, предност е да се има дете со некој што има различен профил на ХЛА.

- Ако имате партнер кој не е генски различен според мирисот на телото и имунолошкиот профил, тогаш вашите деца ќе имаат поголема отпорност на патогени микроорганизми - вели Сороковоска.

Дали луѓето користат генски информации скриени во мирисот на телото за да ги изберат своите партнери? Се чини дека не. Во истражување спроведено на речиси 3.700 брачни парови, веројатноста луѓето да завршат со ХЛА-различен партнер не се разликувала од случајноста.
Можеби имаме предност за одредени мириси и може да има генска причина за тоа, но не постапуваме според мирисите при избор на брачен партнер.

- Но, иако ХЛА не влијае врз изборот, влијае врз сексуалната благосостојба - вели Сороковска.

1
Фото: Freepik

Паровите што имале висока различност во ХЛА - што се претпоставувало дека се случило случајно - имале највисоки нивоа на сексуално задоволство и највисоки нивоа на желба да имаат деца. Оваа врска била посилно забележана кај жените. Жените што имале партнери со слична ХЛА, пријавиле поголемо сексуално незадоволство и помала желба за раѓање деца. Иако кога ќе се земат предвид доказите од повеќе истражувања, ефектот може да не биде убедлив.

За еволутивните биолози има смисла акцентот на женскиот избор. Во природата, женките имаат тенденција да избираат мажјаци, бидејќи токму мајката вложува најмногу во одгледувањето на младите. Женката мора да биде внимателна во својот избор, па затоа бара траги за квалитетот на мажјакот. Ова е причината зошто мажјаците се често шарени, изведуваат танци, пеат песни итн.- тие треба да го докажат својот генски квалитет.

Во друго истражување, мажените жени ги донеле маиците на нивните сопрузи, а самохраните жени ги донеле маичките на нивните пријатели. Маиците биле измешани со маици од случајни мажи.

- Дали жените завршија со некој чиј мирис на телото го претпочитаат повеќе? И не баш. Немаше докази дека тие го ставија мирисот на својот партнер под број еден - вели Махмут.

Во друго истражување на Махмут, мирисот на телото на некои луѓе бил посилен од мирисот на оженетите мажи. Тој претпоставува дека ова може да биде затоа што постојат некои докази за корелација помеѓу високото ниво на тестостерон и посилниот мирис на телото. Знаеме дека постои врска помеѓу намалувањето на тестостеронот и стареењето, што може да се должи на работите што се случуваат во животот на оженет маж кога тој има над 40 години - давајќи им приоритет на децата и слични работи. Мажите кои се во врска и оние што имаат деца имаат пониско ниво на тестостерон.

Значи, знаеме дека даваме информации за нашиот репродуктивен квалитет со мирисот на телото и знаеме дека можеме да ги откриеме, но не постапуваме според нив. Дали треба да постапуваме?

- Ако единствениот интерес ви е да пронајдете партнер со добри гени, тогаш можеби треба да обрнете внимание на неговиот мирис. Но, за повеќето луѓе тоа не е најважната работа и повеќето не го прават тоа - вели Сороковска.

Махмут се согласува.

- Корисноста на мирисот е малку намалена. Поминавме десетици илјади години прикривајќи го нашиот оригинален мирис - вели тој.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот