X
 23.10.2021 Живот

Десет стратегии за манипулација на луѓето според Ноам Чомски

Чомски, еден од најпознатите светски интелектуалци, лингвисти и филозофи, е познат по своите 10 стратегии за манипулација со луѓето. Ова е еден од неговите најчесто споделувани и објавувани текстови на интернет и еве што вели тој за тоа како може да се управува со масите:

Пренасочување на вниманието


Пренасочувањето на вниманието на јавноста од важни прашања на неважни. Презаситете ја јавноста со неважни информации за луѓето да не размислуваат и да не добијат издржани сознанија за да разберат што навистина се случува во светот.

Создавање проблеми


Овој метод се нарекува и „проблем-реагирање-решение“. Треба да се создаде проблем за дел од јавноста да реагира на него. На пример, да се предизвика и пренесе насилство со намера за јавноста полесно да го прифати ограничувањето на слободата, економската криза или да го оправда колапсот на социјалната држава.

Постепеност на промените

За да може јавноста да се согласи со некоја неприфатлива мерка, таа треба постепено да се воведе, „лажица по лажица“, со месеци и години. Промените кои би можеле да предизвикаат отпор, доколку се спроведат нагло и за краток временски период, ќе се спроведат со политика на мали чекори. Така, светот се менува со текот на времето, без да се разбуди свеста за промени.

Одложување

Уште еден начин да се подготви јавноста на непопуларни промени е да се објават многу порано, однапред. На овој начин луѓето не ја чувствуваат целата тежина на промените одеднаш бидејќи се навикнуваат на самата идеја за промена. Покрај тоа, „заедничката надеж за подобра иднина“ го олеснува нивното прифаќање.

Употреба на детски јазик

Кога им се обраќаме на возрасните како кога разговараме со децата, постигнуваме два корисни ефекти: јавноста ја потиснува својата критичка свест и пораката има посилен ефект врз луѓето. Овој сугестивен механизам е, исто така, широко користен во рекламирањето.

чомски
Фото: Freepik


Будење на емоциите

Злоупотребата на емоциите е класична техника која се користи за да предизвика краток спој при донесување разумни пресуди. Критичката свест се заменува со емоционални импулси (гнев, страв итн.) Употребата на емоционалниот регистар овозможува пристап до несвесното, затоа подоцна е можно да се имплементираат идеи, желби, грижи, стравови или принуда на тоа ниво, или да провоцираат одредени однесувања.

Незнаење

На посиромашните слоеви треба да им се забрани пристап до механизми за разбирање на манипулацијата. Квалитетот на образованието на пониските општествени слоеви треба да биде што е можно понизок или под просекот, така што јазот помеѓу образованието на горните и долните слоеви останува непремостлив.

Пофалба на глупоста

Јавноста треба да се охрабри во прифаќањето на просечноста. Потребно е да се убедат луѓето дека е добро да се биде прост, глупав, вулгарен и неук. Истовремено треба да се предизвика отпор кон културата и науката.

Создавање чувство на вина

Секој поединец треба да се убеди дека исклучиво тој е одговорен за сопствена несреќа, покрај недоволното знаење, ограничените способности или недоволниот труд. Така несигурен и потценет поединец, оптоварен со чувството на вина, ќе отстапи од потрагата по вистински пример за својата положба и бунтот против економскиот систем.

Злоупотреба на знаењето


Брзиот развој на науката во последните 50 години создава растечки јаз помеѓу знаењето на јавноста и оние што го поседуваат и користат, владејачките елити. „Системот“, благодарение на биологијата, невробиологијата и практичната психологија, има пристап до напредното знаење на човекот и на физички и на психички план.

Извор: Noizz.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот