X
 26.08.2019 Живот

Вработени во украинска нуклеарна централа копале криптовалути

Украинската безбедносна служба го истражува безбедносниот инцидент кој се случил во една нуклеарна електрана во оваа земја.

Се истражува дали овој инцидент ја загрозил националната безбедност на Украина и им овозможил на напаѓачите евентуален пристап до интерните системи на нуклеарната централа „Јужноукраинска“ во јужниот дел на земјата.

Во рамки на истрагата е извршена рација во нуклеарната електрана, каде што е пронајдена и запленета опрема која се користи за копање криптовалути. Во просториите на електраната наменети за административниот персонал се откриени метални куќишта во кои се наоѓала класична компјутерска опрема заедно со дополнителни напојувања, кулери и графички картички, што укажува на намената на тие компјутери.

Во едно од металните куќишта се пронајдени шест, а во друго пет AMD Radeon RX 470 графички картички. Во воените бараки, каде што се наоѓа војска која ја чува украинската нуклеарна централа, е пронајдена уште некоја дополнителна опрема за копање криптовалути.

Неколкумина вработени во електраната се обвинети за учество во оваа активност, но засега никој не е уапсен.

Украинската безбедносна служба истражува дали при овие активности е користена мрежата на електраната и на тој начин евентуално е добиен пристап до интерни доверливи информации за структурата на нуклеарката и нејзината безбедност.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот