X
 26.08.2020 Образование

Родителите на учениците одржаа средби со Владата

Родителите кои застапуваат онлајн настава и оние кои се за настава во училишните клупи денеска одржаа посебни средби со претставници на Владата. Надлежните ги запознаа детаљно со протоколите според ќе се одвиваат двата вида настава. Покрај техничкиот премиер Оливер Спасовски, на средбите присуствуваа и заменичката-министерка задолжена за координација со економските ресори и идна министерка за образование и наука, Мила Царовска, министерот во заминување Арбер Адеми, министерот за здравство Венко Филипче и заменичк-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска.

На средбите претставниците на двете групи родители имаа можност да ги соопштат своите ставови и аргументи и да бидат детално запознаени со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на Ковид-19, која е донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.


Фото: Влада

Претставниците на родителите на двете групи беа запознаени дека моделот за организирање и спроведување на наставата за учебната 2020/2021 година во услови на пандемијата со Ковид-19 предвидува комбинирана настава со одредени исклучоци кои одат во прилог и на застапниците на онлајн наставата и на оние кои се залагаат за настава со физичко присуство.

Задолжителното физичко присуство на учениците од прво до трето одделение опфаќа и исклучоци за оние ученици за кои родителите ќе наведат прифатливи причини за нивните деца да биде организирана наставата со алатки за интернет комуникација, односно онлајн.

Вториот исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното, овозможува настава со физичко присуство само во оние училишта во кои бројката на ученици по паралелка не надминува 20, каде што е можно остварување на вториот услов за физичка дистанца од 1,5 метри меѓу учениците, и со обезбедени санитарно – хигиенски услови за одржување на општа и лична хигиена наведени во протоколите.

За овие исклучоци ќе одлучува работна група составена од претставници на МОН, МЗ и на Канцеларијата на премиерот, по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за заразни болести.

Овој комбиниран модел е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците и истовремено обезбедува спроведување на наставно-образовните програми.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование