X
 15.12.2016 Живот

Сите работи на кои погрешно не' учеле во детството

Покрај забранетото седење на ладниот бетон и капењето со приклучен бојлер, од мали сме „дресирани“ панично да се чуваме од промаја, да не излегуваме надвор со водена коса и да внимаваме некој да не ни стави дрога во пијалакот. Ова беа главните насоки за децата родени кон крајот на 20 век и на сите нам ни беа јасни како ден.

Меѓутоа, покрај овие технички совети за преживување во светот кој не' чека надвор од родителски надзор, растејќи, собравме и некои неточни и излитени фрази кои некако успеале да се провлечат во нашите животи.

Кога во пубертетот започнуваат да се случуваат многу работи, сфаќаш дека од промајата сигурно нема да се разболиш, но од луѓето да. Од фолдерот собрани податоци во текот на растењето ја вадиш брошурата по потреба и ги читаш фразите: „Чувај се од незнајковци“ - а тебе тие што одлично знаат те повредуваат, „Трпение-спасение“, а ти гледаш дека чамците за спасување прво одат кај оние кои најгласно кукаат... и се запрашуваш, а што ако во овој луд свет најправилната одлука е да ги прифатиш сите совети меѓутоа обратно?

Образовниот систем казнува и наградува, а родителите со помош на воспитно стапче не' учеа дека мораме да бидеме најдобри. Тогаш сфаќаш дека тоа се залудни натпреварувања и безвезни ранг листи бидејќи победите не се забележуваат во животната табела. Старееме сфаќајки дека никој не те научил да бидеш најдобрата верзија од себеси, без да се споредуваш со другите. Те оставија оваа битка да ја водиш сам. Сфаќаш дека си учен да бидеш добар, но најмногу за другите, а најмалку за себеси.

На обуките за претстојната сезона и преминот од кадети во сениорската лига, учиме дека мора да бидеме подготвени за се. Ти истрениран, со волја за живот и на се' подготвен - а животот не ти дава ништо. Сфаќаш дека никој не те научил како да преживееш кога наместо се', ти се случува едно големо ништо. Тогаш започнува да ти се случува животот во целиот свој сјај и го демантира твоето претходно знаење и обука.

Кога плачевме обично не' смируваа велејќи ни дека мора да бидеме храбри. Дека храбрите не плачат. „Стани и бори се, не се предавај себеси“. Тогаш слушаш целосно друг екстрем „Кога некој ќе те повреди ти сврти го и другиот образ“. Ништо не сфаќаш. А всушност никој не објаснил дека и храбрите плачат, и дека и другиот образ го даваат само оние кои знаат цврсто да стојат на нозе. А за тоа треба многу љубов. Не луда храброст, а уште помалку мазохизам.

Воден со логиката и разумноста и учен на примери за предатор и плен така зелен живееш со погрешно уверување дека во животните битки најбрзо се повредуваат оние кои се слаби. Кога реката на животот излезе од твоето корито сфаќаш дека во разумот, логиката и силата нема никаков одговор. Сфаќаш дека најхрабрите се оние кои се осмелуваат да ја покажат сопствената ранливост. Дека само од неа може да излезе човечност, хуманост, сочувство, љубов, креативност, предаденост... А паничното криење на сопствената ранливост е всушност најголемата човечка слабост.

Се' ќе дојде на вистинско место кога ќе завршиш училиште, кога ќе служиш војска, кога ќе се вработиш, ожениш... Сите тоа ти го кажуваат. Никој не ти кажува дека работите може да се случат сосема различно.

И на крај, сфаќаш дека единствениот точен одговор од детството кој си го слушал од постарите бил „Кога ќе пораснеш, сам ќе знаеш“ - нешто што си го добивал после прашањето како се прават деца, како дојде на овој свет и за што служи кондомот. Сфаќаш дека се' што денес навистина го знаеш, навистина сам си го научил. Може други да те научат јазик, но само ти одлучуваш дали ќе зборуваш на тој јазик, може да те научат како да користиш компас, но само ти одлучуваш по кој пат ќе одиш, може другите да те научат како се преживува, но само ти одлучуваш како ќе живееш. Сфаќаш дека најважните лекции човекот сам ги учи.

Преземено од Блогдан.рс
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот