X
 26.09.2018 Живот

Се појави кит во Темза

Во англиската река Темза е забележан кит, а експертите од Друштвото за заштита на китови и делфини истакнаа дека тој очигледно е изгубен и можно е да се најде во неволја.

Добротворна организација за спасување морски животни ги повика граѓаните да не му се приближуваат премногу и да го набљудуваат од брегот. Се верува дека залутаниот кит е од видот белуга и не е јасно со што би можел да се храни во реката. Но, тој е добар пливач и се надеваат дека ќе отплива назад во морето. Првото забележување е кај Грејвсенд во Кент. 



Управата на лондонското пристаниште го следи движењето на китот.

- Се надеваме дека ако му дадеме доволно простор и ако внимаваме на него, тој ќе најде пат за излез од Темза во некоја околина што му е посоодветна. Ние сигурно не сакаме луѓето да се обидуваат да го спасуваат - истакна Тања Фери од лондонското пристаниште.

Фото: Би-би-си


Ваков кит е забележан во Британија и пред три години, но ваквите настани се многу ретки.

Белугите, познати и како бели китови, се едни од најпознатите и најпрепознатливите китови. Нивната големина варира од 3,9 до 6,1 метри во должина и имаат препознатливи заоблени чела. Живеат во арктичките и субарктичките води кај Алјаска, Русија, Канада и Гренланд. Можат да се селат и од солени во слатки води.

Фото: Би-би-си
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот