X
 26.09.2023 Економија

Паркинг-место во Белград продадено за 58.400 евра

Извештај на Републичкиот геодетски завод на Србија за првата половина од 2023 година покажува дека во оваа земја продолжува трендот на стабилизација на цените на недвижностите, по двегодишен постојан раст.

Највисока цена имаат становите во Белград, каде што најскапиот квадрат е продаден по цена од 11.475 евра во „Белград на вода“. Највисоката сума за стан е во истиот комплекс, 2,6 милиони евра.

Најскапата куќа е продадена во „Савски венац“ за 4,8 милиони евра, додека најскапото место за паркинг чинело 58.400 евра, на територијата на истата општина.

Од Републичкиот геодетски завод соопштиле дека пазарот на недвижности и понатаму држи високо ниво во споредба со периодот пред пандемијата, и покрај смирувањето на растот. Во соопштението се наведува дека вкупната сума потрошена за купување недвижен имот изнесува 3,3 милијарди евра, што е за 81 отсто повеќе во споредба со првата половина од 2019 година, односно пред пандемијата, а за 12 отсто помалку во споредба со истиот период во претходната година.

Во првата половина од 2023 година имало 60.014 купопродажби на пазарот на недвижности, што е за 26 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2019 година и за 12 отсто помалку во споредба со минатата година. Најголем удел во вкупната вредност на пазарот на недвижности зазема продажбата на станови, односно 1,8 милијарди евра, со учество од 54 отсто во вкупната вредност.

Извор: Capital
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија