X
 26.09.2024 Технологија

Јапонците работат на суперкомпјутер каков што светот не видел досега

Нов јапонски суперкомпјутер ќе направи револуција отклучувајќи невидени брзини и унапредувајќи ги научните откритија и способностите за вештачка интелигенција.

Јапонија планира да го направи „Фугаку некст“, суперкомпјутер од класата зета кој ќе биде илјада пати побрз од денешните системи. Оваа напредна машина ќе биде прва од ваков вид.

Проектот беше одобрен од јапонското министерство за образование, култура, спорт, наука и технологија, кое издвои буџет од 780 милиони долари. Изградбата на компјутерот треба да започне во 2025 година, а се очекува да почне да работи до 2030 година.

„Фугаку некст“ ветува дека ќе го продолжи наследството на својот претходник, суперкомпјутерот „Фугаку“, кој е еден од најбрзите во светот. Суперкомпјутери како „Фугаку“ се користат за различни научноистражувачки цели, од моделирање на климата на Земјата до симулирање на мисии во длабоката вселена.

Додека суперкомпјутерите сè уште се базираат на традиционални процесори и меморија, нивната висока приспособливост овозможува многу посложени симулации и побрзо решавање на проблемите. Со претстојниот суперкомпјутер „Фугаку некст“, Јапонија ги поместува границите на компјутерската моќ, поставувајќи нов глобален стандард за суперкомпјутери до 2030 година.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија