Незадоволен од денешниот начин на тестирање на познавањата на странските јазици, Евгениј Берзак од Институтот за технологија во Масачусетс започнал потрага по подобар и поефикасен метод. Еден од методите со кои се занимавал заедно со неговиот тим бил заснован на несвесните движења на очите.
Како дел од истражувањето тимот на Берзак собрал 145 студенти по англиски јазик и по поставувањето на технологијата за следење на движењето на нивните очи, тимот им дал на кандидатите да читаат реченици на англиски јазик.
Научниците следеле колку секој ученик се задржува на одредени зборови и колку му е потребно од еден збор да се префрли на друг, а потоа овие резултати биле споредени со резултатите на 37 испитаници на кои англискиот им бил мајчин јазик.
Берзак и неговиот тим направиле бодовна листа приспособена на нивните методи и ја споредиле со резултатите од стандардните тестови по англиски јазик. Тие заклучиле дека навистина постои врска помеѓу движењето на очите и читањето текст на странски јазик.
Благодарение на ова откритие, Берзак и неговиот тим започнале со развивање на алатка, базирана на вештачка интелигенција, за мерење на јазичните вештини преку читање текстови на интернет. Камерата ќе снима во која насока гледа читателот, технологијата за следење на погледот ќе анализира што гледа, а вештачката интелигенција ќе проценува што тоа значи во контекст на познавање на јазикот.
Притоа, текстот што личноста го чита би можел да се
приспособи на степенот на знаење на читателот. На тој начин алатката би можела да биде корисна за почетници, но и за оние што совршено го знаат англискиот јазик.