Протестот во „Пошта“ да се стави во мирување, платата за септември да се исплати најдоцна до петок, 28 октомври, а за наредните месеци да се исплаќа во законски предвидениот рок, до 15-ти во месецот, договориле денеска на средба министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на „Пошта“, Васко Стефанов, со претставници на синдикалните организации во поштенското претпријатие, Боро Велигденов и Младен Стојановски, придружувани од претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
За исходот од средбата преку соопштение информира Министерството за транспорт и врски, а Велигденов и Стојановски за МИА потврдија дека протестот се става во мирување, но најавуваат дека доколку не се исполни договореното, ќе ја активираат најавата за генерален протест пред Владата.
Министерството за транспорт на средбата се обврзало да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД „Пошти“ на Македонија, согласно измените во Законот за поштенски услуги.
- Владата ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на АД „Пошти“, процес кој ќе започне веднаш и ќе трае до 31 декември 2022 година. Ќе ѝ препорача на Агенцијата за пошти да продолжи со надзор и контрола на поштенскиот пазар над правни субјекти кои немаат добиено општо овластување за обезбедување поштенски услуги издадено до Агенцијата за пошти. Со ваквите ставови протестот се става во мирување и засегнатите страни се обврзуваат на заемна поддршка за почитување на обврските - наведе ресорното Министерство.
Како што изјави претседателот на синдикатот на „Пошта“, Велигденов, со оглед на фактот дека се прифатени сите барања, синдикалните организации го ставаат во мирување предупредувачкиот протест и најавениот генерален протест.
Извор: МИА