Откако научниците потврдиле дека во светот е искоренет и вториот од трите типа полиовирус, познат и како полиомиелитис, Светската здравствена организација го поздрави овој „историскиот чекор“ во борбата против детската парализа.
Податоците беа откриени од Глобалната комисија за искоренување на полиомиелитисот. Ова значи дека денес во светот е активен само вирусот тип 1, бидејќи вирусот тип 2 беше искоренет во 2015 година, додека битката против вирусот тип 3 беше освоена оваа недела.
Инаку, процентот на детска парализа е намален за повеќе од 99 проценти од 1988 година, но вирусот тип 1 сè уште е многу активен во Пакистан и во Авганистан, каде што оваа година биле заразени 88 лица, во споредба со 2017 година кога биле евидентирани 22 заразени лица.
- Искоренувањето на полиовирусот од типот 3 е важна пресвртница на патот кон свет без полио, но не смееме да се опуштиме - изјави директорката на Светската здравствена организација за Африка, Матцидисо Ребека Моети.
Оваа болест го напаѓа нервниот систем и може да предизвика парализа за неколку часа. Болеста не може да се лекува, но можно е да се спречи инфекцијата со вакцина. Вакцинацијата во последните неколку децении драматично го намали бројот на новозаболени низ светот.
Но, во општества каде што не се спроведува вакцинацијата вирусите повторно се појавуваат и брзо се шират. Особено се ранливи луѓето со низок имунитет и оние што живеат во проблематични хигиенски услови.
На Филипините во септември беше најавено дека ќе се почне со кампања за промовирање на вакцинирањето бидејќи детската парализа повторно се појави, а биле регистрирани два нови случаи.
- Државите мора да го зајакнат системот на задолжителна вакцинација со посилни контроли, за и најмалата опасност од појавата и ширењето на
болестите да се открие навреме - изјави Моети.