X
 12.04.2019 Живот

Првпат од 1953 година Јужнокорејките ќе можат легално да абортираат

Јужнокорејски суд пресуди дека моменталната забрана за абортус е противуставна и дека ја нарушува слободата на жените да избираат. Сега законодавците треба да ги изменат законите за абортус до крајот на следната година.

Напорите за оспорување на речиси 70 години стариот закон се интензивираа во последните неколку години откако повеќе од 230.000 луѓе потпишаа петиција во 2017 година и повикаа на легализирање на абортусот.

Последниот пат кога Уставниот суд на оваа земја ја прегледа забраната за абортус беше во 2012 година, кога ја поддржа.

Абортусите во Кореја се дозволени само во случај кога е загрозен животот на мајката или кога таа била силувана и често е потребна и дозвола од сопругот. Во спротивно лекарите што ја изведуваат процедурата може да бидат казнети со затвор до две години, додека жените се соочуваат со затвор до една година. Иако абортусите ретко завршуваат на суд и нашироко се изведуваат во Кореја, здравствените работници и активистите велат дека илегалноста на процедурата и стигматизацијата на абортусот и на имањето деца надвор од брак принудуваат многу жени да минуваат низ небезбедни процедури, со мало знаење за ризиците што ги носи абортусот.

Според корејскиот Институт за здравство и социјални работи, во 2017 година во оваа земја биле изведени околу 50.000 абортуси. Тоа се најновите достапни податоци, но многумина веруваат дека бројките се многу поголеми.

Забраната за абортус во Кореја била имплементирана во 1953 година како средство за осигурување дека популацијата ќе расте за да се одржи економскиот раст и можната војска по завршувањето на Корејската војна. Законот бил изменет во 1973 година и биле дозволени многу исклучоци, додека абортусите надвор од тие очекувања било дозволено да продолжат под радар бидејќи владата се борела да го ограничи растот на популацијата преку промоција на помали фамилии.

Кога тие напори подоцна станале премногу ефикасни, па стапката на наталитет во Кореја опаднала на рекордно ниско ниво, конзервативната влада на претседателот Ли Мјанг-бак во 2009 година повика на построго извршување на абортусот. Движењето за живот доби моментум кога лекари што се противат на абортусот предводеа движење за одбивање на илегалните процедури и пријавување на лекарите што ги изведуваат.

Пресудата е голема победа за Корејците што се залагаат за избор, но и за поддржувачите на поголема родова еднаквост.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот