X
 04.12.2021 Живот

Југославија низ бројки: Како изгледала државата во 80-тите години?

Поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) била формирана во 1943 г., а неодамна се одбележа датумот на нејзиното основање (29 ноември). „Кликс“ пренесе текст објавен во 1984 година во списанието „Кекец“ кој покажува како изгледала оваа држава во тоа време.

Според статистичките податоци од првата половина на 80-тите години, во Босна и Херцеговина се пиело најмалку вино по глава на жител, додека во Словенија личните примања биле највисоки, а бројот на неписмени жители најмал.

Во Србија имало најмногу телефони, а во Македонија имало најмногу трособни станови и најмлади невести и младоженци.


Фото: Јованка Броз и Јосип Броз - Тито/Wikipedia

Во тој период во Црна Гора имало најмногу повратници од странство и се пиело најмногу млеко, а Хрватска можела да се пофали со најголем број лекари специјалисти на 1.000 жители. Освен тоа, во Хрватска имало и најмногу автомобили.

Во Косово најмногу растела стапката на вработеност, но и најмали биле личните примања, а Војводина имала најмал природен прираст и најмногу разводи.

Таа година во Југославија имало 250.000 повеќе жени отколку мажи, а жените биле постари од мажите за просечно една година. Во просек, Југословените имале 33 години и најстарите живееле во Војводина, а најмладите во Косово. Во Југославија имало 6.196.000 домаќинства, а две третини биле четиричлени семејства.

Податоците покажуваат дека 95 отсто од становите имале електрична енергија, над две третини биле приклучени на водовод, нешто помалку на канализација, а секој втор стан имал тоалет и бања.


Фото: Pixabay

Во 1984 работеле над 6,5 милиони луѓе, а работа барале 900.000 жители. Таа година во Југославија имало 1.790.900 неписмени луѓе, од кои еден милион биле жени.

Во периодот од 1948 до 1984 петпати се зголемил бројот на посети на театар. Според податоците, дури 6,5 милиони Југословени секојдневно гледале телевизија.

Кога станува збор за физичката рекреација, секој деветти полнолетен и секој четврти малолетен жител одбирал физичка рекреација наместо куќна посета, кафеана или друго хоби за викендот.

Извор: Klix
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот