X
 09.12.2022 Живот

Во земјава има 115 илјади невработени, а од нив 77 илјади се мажи, претежно со средно

Во третото тримесечје од 2022 година активното население во Македонија изнесува 808.328 лица, од кои вработени се 693.062, а 115.266 лица се невработени. Истовремено, неактивното население во земјава брои 655.573 лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Стапката на активност во овој период е 55,2, стапката на вработеност 47,3, додека стапката на невработеност изнесува 14,3.

Податоците на ДЗС покажуваат дека најголем дел од вработените лица во Македонија се на возраст од 25 до 49 години (435.884). Од нив, 241.029 се мажи, а 194.855 се жени. Потоа следуваат оние на возраст од 50 до 64 години, чиј вкупен број е 205.996, а од нив 124.578 се мажи и 81.419 се жени. Потоа следуваат најмладите, односно оние од 15 до 24 години, кои бројат 40.584, а од нив 27.064 се мажи и 13.521 се жени. На крајот се оние што имаат 65 и повеќе години чиј вкупен број е 10.598, од кои 7.117 се мажи, а преостанатите жени.

Статистика според возраст
Фото: ДЗС (за поголема резолуција кликнете на фотографијата)

Истовремено, најголем број од невработените се исто така на возраст од 25 до 49 години (70.934), по што следуваат оние од 50 до 64 години (24.744) и на крај оние од 15 до 24 години (19.587). Од вкупниот број невработени, повеќе од половина, односно 77.014 се мажи, од кои 46.585 се на возраст од 25 до 49 години, 19.461 се на возраст од 50 до 64 години и 10.968 се на возраст од 15 до 24 години. Бројот на невработени жени, пак, е речиси дупло помал од оној на мажите и изнесува 38.252, а најмногубројни се оние на возраст од 25 до 49 години (24.349), по што следуваат оние од 15 до 24 години (8.619) и на крај оние од 50 до 64 години (5.284).

Податоците на ДЗС покажуваат дека најголем дел од вработените работат во преработувачката индустрија, која вработува 136.140 лица, по што следува трговијата на големо и мало, поправката на моторни возила и мотоцикли - сектор кој вработува 108.153 лица, па земјоделството, шумарството и рибарството (69.035) итн.

Во секторот јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување работат вкупно 45.678 лица, во образование работат 47.164 лица, а во дејностите на здравствена и социјална заштита 45.241.

Вкупно 520.886 лица работат во деловни субјекти во приватна сопственост, додека 172.176 во субјекти во друга сопственост (мешовита, здружна, државна).

Статистика според сектори
статистика според сектори - 2
Фото: ДЗС (за поголема резолуција кликнете на фотографијата)

Анализата на податоците за активното население според школската подготовка покажува дека најголем дел од вработените во земјава се со 4 години средно образование (337.372), по што следуваат оние со високо образование (194.774), па оние со основно образование (87.415), оние со 3 години средно (42.286), па оние со вишо (16.399), оние со незавршено основно (11.147) и на крај се оние без образование (околу 3.670).

Од вкупниот број невработени, 58.095 се со 4-годишно средно, а по нив следуваат 21.516 со основно, па 19.642 со високо образование, потоа 9.239 со 3 години средно, 2.624 со незавршено основно, 2.295 со вишо и на крај околу 1.900 без образование.

статистика според образование
Фото: ДЗС (за поголема резолуција кликнете на фотографијата)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот