27.08.2021
Живот
МЗ: 83 отсто од новозаразените со ковид-19 и 89 отсто од хоспитализираните се невакцинирани
Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид-19, во периодот од 6 август до 26 август. За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза од вакцината.
Во периодот од 6 до 26 август 2021 на територија на државата 17.020 граѓани се позитивни од тестирани за ковид-19, од нив 17% биле целосно вакцинирани, односно 2.924 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани што се заразиле со ковид-19, пишува во соопштението од Министерството за здравство.
Според статистиката за изминативе три недели, 14.096 граѓани, односно дури 83% од позитивните на тестот за ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 89%, додека само 11% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територијата на државата починале 276 лица со ковид-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10%) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцините „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
Министерството за здравство информира дека рапиден раст е детектиран на реинфекции со ковид-19 во период од 15 август до 22 август. Институтот за јавно здравје, анализирајќи ја неделната епидемиолошка состојба во државата, има детектирано дека во период од една недела 54 лица што еднаш биле позитивни на ковид-19 повторно се заразиле со вирусот. Ако се анализира состојбата од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август 2021 година, во земјата се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинацијата, секоја вакцина што ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.