За да го намали ширењето на коронавирусот и да ги заштити своите гости, хотелот „Хошиноја Токио“ во јапонската престолнина нуди вечера под стаклено ѕвоно.
Станува збор за вечера под проѕирни винилни хауби со пречник од 75 сантиметри, малку повеќе од еден метар високи, кои личат на лампиони. Тие се слабо осветлени и поставени над главите на гостите за да обезбедат заштита во текот на разговорот.
Хотелот има само една приватна соба во која е можно да се вечера на овој начин, а гостите можат да поканат најмногу две лица да им се придружат во ова необично искуство.
Заштитните лампиони се дело на познатиот уметник Коџима Шоутен од Кјото, кој често соработува со овој елегантен хотел со пет ѕвезди.
Хотелот има дизајнирано и специјално мени за приватната соба, во кое има комбинација од јапонска ферментирана храна со француски техники за готвење. За изнајмување на оваа соба треба да се издвојат 220 евра или 170 евра по човек што јаде на ова место.
Колку и да изгледа чудна сцената на вечера под лампионите, не е мал бројот на оние што сакаат да го доживеат ова необично искуство во хотелот „Хошиноја Токио“.