X
 26.11.2023 Култура

Тито ја забранил оваа песна бидејќи поттикнала многу самоубиства

Една од урбаните легенди што се поврзуваат со Јосип Броз Тито и поранешна Југославија е онаа за песната која била толку депресивна што луѓето се самоубивале поради неа. Песната, која наводно била забранета од страна на Тито, се вика „Белите дробови ми се болни“ (Pluća su mi bolna). Се смета за една од најтажните песни на овие простори.

Нејзин автор е Драгиша Недовиќ, кој напишал и други познати српски песни. Тој бил на чекор од смртта во 1941 година кога бил изведен на стрелање во Крагуевац. Во последен момент го издвоиле настрана бидејќи бил познат текстописец. Крајот на Втората светска војна го дочекал во германски работен логор во Дормаген.

По враќањето во Крагуевац, неколку години по завршувањето на војната, тој дознал дека боледува од туберкулоза. Тогаш ја напишал познатата песна.

Текстот на песната оди вака: „Белите дробови ми се болни, здравје веќе немам бидејќи сосема се блиску моите последни денови. Ќе живеам уште денес, збогум мој животе. Не ми е жал за бедниот живот бидејќи јас среќа никогаш не сум почувствувал, само болка и страдање, горки солзи лиев во животот мој, среќен не сум бил“.

Песната прв ја извел Заим Имамовиќ, а се верува дека таа влијаела многу сугестивно на слушателите бидејќи во тоа време низ Југославија се забележале многу самоубиства на луѓе заболени од туберкулоза.

Тогаш Централниот комитет и Тито наводно одлучиле да ја повлечат од продажба плочата и да го забранат изведувањето на песната бидејќи таа наведува на самоубиство. Забраната била укината 10 години подоцна кога Јованка Броз, за која имало шпекулации дека боледувала од болеста, ја порачала песната на прослава.

Иако Драгиша Недовиќ се излекувал од туберкулозата, потоа имал проблеми со срцето и починал од срцев удар во 1966 година, на 49-годишна возраст. Зад себе оставил син и ќерка, како и околу 800 авторски песни.


Извор: Kurir
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура