X
 27.01.2019 Образование

Десет совети како да научите нов јазик

Иако по образование беше хемичар, Като Ломб беше и еден од првите симултани преведувачи во светот. Таа течно преведуваше од осум јазици, а знаеше и се служеше со 16 иако во нејзино време немало аудиодискови, „Скајп“ или училишта за учење странски јазици.

Повеќето јазици Ломб ги совладала сосема самостојно - од учебници и книжевни дела на јазиците што сакала да ги научи. Ја учела граматиката и паралелно читала оригинални текстови и паметела фрази што најчесто се користат во говорот.

Ломб составила десет едноставни, но многу ефикасни правила за учење на јазикот и ги напишала и во книгата „Како учев јазици“.

1. Мора секој ден да се занимавате со јазикот. Исто е како со сала за вежбање, ако сакате силни мускули, нема ништо без редовно вежбање. Секој ден одделете по 10-15 минути за читање или учење нови реченици.

2. Ако пребрзо губите интерес за учење на јазикот, најдете сопствен систем. На пример, учете некое време, па потоа слушајте музика или одете на прошетка.

3. Контекстот прави сѐ. Немојте да учите одделни зборови, секогаш паметете ги во контекст. На пример, ако сте го запомниле изразот „strong wind“, едниот збор секогаш автоматски ќе ве потсетува на другиот.

4. Многу е корисно да пишувате однапред подготвени реченици, а потоа максимално да ги користите во дијалози.

5. Преведувајте во мислите сѐ што ќе видите - реклами, песни, наслови на новинарски статии. Не е тешко, а корисно е.

6. Учењето напамет е многу корисно, но морате да бидете сигурни дека учите 100 отсто точни реченици. Доколку не сте сигурни, консултирајте се со професор.

7. Сите реченици подготвени за дијалог пишувајте ги и паметете ги во прво лице.

8. Ниеден странски јазик не може да се научи во изолација, слушајќи го професорот и пишувајќи вежби. Гледајте филмови, читајте книги и весници, дружете се со пријатели од странство на интернет.

9. Немојте да се плашите од грешките, но плашете се од непоправените грешки. Секогаш проверувајте сѐ.

10. Бидете сигурни дека и покрај сѐ, ќе го научите јазикот.

Кога Като на своја 86-годишна возраст го сретнала својот пријател Стив, кој тогаш имал 54 години, му рекла: „Стив, колку си млад! Уште колку јазици можеш да научиш!“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование