X
 07.04.2018 Забава

Дали технологијата раѓа глобална армија полиглоти?

Хилари Јип е 13-годишна ученичка од Хонг Конг. Таа, исто така, развива апликации и е извршен директор. Дизајнирана од страна на дете, а наменета за деца, апликацијата „Minor Mynas“ ги поврзува децата од целиот свет со една цел: да ги научат мајчините јазици на другите деца. Јип го олицетворува глобализираниот, дигитално поврзан тинејџер, кој пораснал со технологија која ги поврзува луѓето од целиот свет, сè поразнообразна глобална популација и раст на персонализираните образовни апликации и игри.


Фото: Pixabay

Можат ли овие фактори да се комбинираат за да се создаде најполиглотската генерација?


Најмладата генерација расте во време кое нуди многу можности. Според професорот Стивен Вертовец, генерален директор на Институтот „Макс Планк“ за проучување религиозна и етничка разнообразност во Готинген, Германија, културната разновидност е сè поглобална, особено поради зголеменото ниво на меѓународна миграција. Тој укажува на последниот извештај на ОН за светската миграција, кој вели дека 258 милиони луѓе живеат во земја која не е нивната родна земја. Тоа е за 49 отсто повеќе од 2000 година.

- Според тоа, повеќе луѓе со различно потекло контактираат едни со други во градовите низ целиот свет. Ова ќе продолжи на глобално ниво - вели тој.

Зголемената миграција, особено во градовите, ги принудува луѓето со различно културно и јазично наследство да контактираат. Дали мултикултурниот свет може да доведе до мултијазична генерација?

Тоа најверојатно ќе придонесе за околина со повеќе можности за учење јазици, смета Анџела Крис, професор по едукативна лингвистика на Универзитетот во Бирмингем.

- Најверојатно ќе има позитивна ориентација кон разликите, како социјални така и лингвистички, така што луѓето ќе бидат покреативни и позаинтересирани за други јазици. Тие ќе имаат пристап до лингвистички ресурси - нема да се борат против нив како во еднојазична околина, каде што луѓето имаат малку трема кога станува збор за различни јазици - вели Крис.

Истовремено, Антонела Сорас, професор по развојна лингвистика на Универзитетот во Единбург, смета дека барем во Европа младите знаат повеќе странски јазици за разлика од порано. Таа посочува на студија од 2011 година според која 77 отсто од таканаречените милениумци говорат повеќе од еден јазик.

- Овој процент опаѓаше за секоја наредна старосна група, а најниското ниво беше забележано кај луѓето на возраст меѓу 55 и 64 години - објаснува таа.

Тие броеви се поголеми кај младите професионалци со повисоко ниво на образование, што сугерира дека барем некои фирми даваат приоритет на обезбедување часови по странски јазици за вработените. Исто така, тие покажуваат дека како што глобализацијата го поттикнала економскиот раст во помалку развиените земји, повеќе луѓе говорат повеќе јазици, особено англиски.

Во САД, 65,5 милиони Американци говорат друг јазик дома, што е двојно поголем број од оној во 1990. Голем дел од овие луѓе не се имигранти, туку луѓе родени во САД. Дополнително, студијата утврдила дека околу еден од четири ученици во американско јавно училиште говори странски јазик, што е поголем дел отколку просекот за сите возрасни групи. Сличен тренд има во Канада, каде што бројот на луѓе кои говорат друг јазик освен англискиот и францускиот од 2011 година се зголемил за 14,5 отсто.

Според професорот Том Роупер од Универзитетот во Масачусетс, училниците во светот наскоро може да бидат исполнети со деца кои може ќе зборуваат шест или повеќе јазици комбинирано.

Секој тинејџер со паметен телефон и интернет може да има видеоразговор со неговите другари-полиглоти кои се многу далеку. Пред 20 години тоа беше незамисливо. Според истражувачкиот центар „Пју“, во САД, 57 отсто од тинејџерите стекнале нови пријатели на интернет, а социјалните медиуми и онлајн-игрите се најчестите места каде што се запознаваат нови пријатели.

-До не многу одамна спријателувањето со луѓе што говорат друг јазик бараше организација. Мораше да одите во другата земја, да минете некое време таму, вашите родители да го организираат сето тоа... Сега е многу побрзо со сите технолошки средства - вели Антонела Сорас.

„Edutainment“ како алатка за учење не е ништо ново. Видеоигрите со едукативен белег постојат со децении. Но, со интернетот и паметните направи, овој вид едукација достигна нови височини. Стотици јазични апликации го олеснуваат учењето и се поевтини од скапите компјутерски игри. Исто така се многу популарни. „Duolingo“, можеби најпознатата, има 200 милиони корисници од целиот свет, а „busuu“ има повеќе од 80 милиони.

Подемот на евтините или бесплатните апликации, кои учењето го прават забава, има големи импликации за децата, кои, за разлика од возрасните, често не се свесни дека учат нешто. Експертите посочуваат дека децата се добри во имплицитно учење (правење нешто како играње игри без да сфатат дека апсорбираат информации или си ги изоструваат вештините), наспроти експлицитното учење (физичко одење во училница и решавање задачи кои професорот ви ги дава).

-Затоа технологијата помага. Тие се заглавени правејќи нешто што им се допаѓа, а всушност учат друг јазик - вели Сорас.  


Фото: Pixabay

Апликациите за јазици сепак треба да се сметаат како комплементарни алатки. Корисниците на „Duolingo“ може да имаат добри резултати за француски, дански или унгарски, но ако сакаат да се подобрат, доаѓа момент кога треба да почнат да вежбаат со луѓе на кои тој јазик им е мајчин.

-Можам да разговарам на „Skype“ со мојот професор од Мексико Сити и да имам вистински разговор со човек кому тоа му е мајчин јазик - вели Метју Мекаклан, извршен директор на „Learnlight“, платформа наменета за возрасни луѓе што учат втор јазик.

Исто така, гласовните асистенти како „Cortana“ или „Alexa“ може да бидат нова технолошка алатка за учење нов јазик.

Говорењето повеќе јазици носи многу бенефити. Ја спречува деменцијата, ги изострува концентрацијата и вештините за решавање проблеми, а со тоа што знаете повеќе јазици, можете и да заработувате.

За Хилари Јип, поголемата комуникација и поголемото разбирање меѓу младите може да помогне во рушењето на бариерите кои општеството ги гради околу нив додека растат.

- Во светот на возрасните има еден тон работи за раса, пол и други стереотипи. Но, за децата, секој е само дете - вели таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава