Некои го сакаат прокељот, но многумина го мразат. За оние што го мразат овој зеленчук, има научно оправдување следниот пат кога ќе сакаат да го одбегнат во порцијата.
Стејси Локиер, нутриционист од Британската фондација за нутриција, открива дека прокељот е во групата зеленчуци кои содржат глукозинолати. Оваа состојка му го дава тој силен или горчлив вкус на зеленчукот. Излегува дека некои луѓе имаат генетски предиспозиции да го мразат тој горчлив вкус.
- Дали сакаме или не сакаме одредена храна е определено од различни фактори (како што се претходно искуство со храната), но некои истражувања покажале дека чувството на горчливост кај овие зеленчуци се поврзува со генетски разлики во рецепторите за вкус на јазикот - вели Локиер.
Во 2011 година истражување покажало дека прокељот има хемиска состојка која има горчлив вкус за луѓето кои имаат варијација на одреден ген. Истражувањето покажало дека околу 50 отсто од светското население има мутација на овој ген, односно половина од луѓето не го чувствуваат горчливиот вкус на прокељот.
Меѓутоа, друго истражување открило дека луѓето започнуваат да сакаат прокељ како што стареат бидејќи со староста ни ослабува чувството за вкус.
Извор:
Indy100
Насловна фотографија: Pixabay