X
 18.09.2017 Здравје

Маја Платнар: Живата храна дава многу енергија и лекува

Под жива храна се подразбира секоја термички необработена храна третирана до 46 Целзиусови степени зашто „сѐ што е подготвено над таа температура ги губи хранливите состојки“



Пред седум години добив автоимуно заболување и по лекувањето со традиционалната медицина случајно гледав интервју со д-р Слаѓана Велков, која зборуваше за жива храна и гледање во сонцето. Имајќи го на располагање целото време на овој свет, веднаш се префрлив на жива храна. Се сеќавам дека прво си направив дехидрирано лепче и првиот оброк ми беше сендвич со намаз од ореви и многу свежи салати внатре. Се вљубив. Се вљубив во боите, во мирисите, во вкусот. Тоа беше експлозија од вкусови. Од тој ден живата храна е мојата храна – вели Маја Платнар од Скопје, посветена на подготовка на жива храна. Со неа разговараме на темата за придобивките на живата или сировата храна, која станува сѐ попопуларна во светот, но и кај нас. Под жива храна се подразбира секоја термички необработена храна третирана до 46 Целзиусови степени зашто „сѐ што е подготвено над таа температура ги губи хранливите состојки“, вели Платнар.



Оваа храна се подготвува со сечкање, блендирање, цедење, ’ртење и дехидрирање, и се разбира, со многу љубов, додава таа.

-Отсекогаш сакав креативна работа и отсекогаш сакав чинија полна со бои и вкусови. По прoфесија сум преведувач од латински и старогрчки и го работев тоа одредено време и во секоја слободна минута, во времето за јадење, си подготвував салати кои беа оброци. Уште оттогаш ме влечеше готвењето. Кога дома готвев за сите, тоа никогаш не беше обично јадење. За многу кратко време сите симптоми ми исчезнаа и така е до денес.



Хранава ме одржува во ремисија, ми дава бескрајно многу енергија, ме прави посконцентрирана, а имам и придобивки во врска со кожата, ноктите, косата, сѐ е поубаво. Токму затоа и одлучив да ја споделам мојата приказна, па почнав да одржувам работилници, потоа обуки, да готвам за луѓе со здравствени проблеми од дома и кога се случи со овој начин на исхрана да победиме рак на мозок, сфатив дека мисијата мора да стане постојаност. Така го отворив „БистРо Здраво Живо“ и тоа е мојот втор дом, местото каде што се реализирам комплетно – вели Платнар.

Некои луѓе го користат зборот жива, а некои сирова. Нашата соговорничка вели дека веројатно и нема разлика.

- Дури и сурова храна е точно, но лично мене, а со мене се согласија и повеќето што работат на ова поле, ми звучи потопло, поприфатливо и попрецизно го опишува овој начин на подготовка на храна. Моето мото е „Само живото раѓа живот“, кое се роди после еден разговор со д-р Велков, која даде пример дека ако фрлите в земја печен бадем, нема ништо да никне, но ако фрлите жив бадем, шансите да ви никне дрвце се големи – категорична е Маја.



Таа признава дека најголем предизвик во подготвувањето на живата храна ѝ се десертите.

-БистРото веќе четврта година работи на принцип на дневни менија, кои вклучуваат најмалку пет оброци на ден. Јас смислувам, пред сѐ, поради тоа што приспособувам на денот, на времето, на сезоната 365 различни менија. Можностите што ги нуди оваа кујна се извонредни и секој ден, секое влегување в кујна е предизвик и огромно задоволство. А најголемо ми се десертите. Може да ме оставите в кујна три дена, со добра музика, можам да направам илјадници различни колачи.



Нутриционистите најчесто советуваат дека е најдобро кога исхраната ќе биде пропорционално застапена, 70-30 отсто, сурова во однос на зготвена храна.

-Она што задолжително го препорачувам е два пати во годината секој здрав човек да прави 28-дневна детоксификација со жива храна, а потоа да ја применува токму таа балансираност 70-30. Јас лично јадам сѐ што ќе посакам. Никогаш не сум се откажала од ништо, па така и ништо не ми недостига. Но, ќе ви кажам дека веќе пет години не јадам ништо рафинирано и конзервирано и, се разбира, дека не ми фали – вели Маја.



Искуството покажало дека живата храна многу им помага и на спортистите. Платнар ни открива зошто:
-Живата храна се вари за само 15 минути, но потоа многу бавно се разложува низ организмот, па токму затоа ние што јадеме жива храна имаме многу енергија. Така им помага на спортистите. Им дава чисти протеини, им дава многу енергија, ги прави лесни, а силни.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје