X
 22.12.2019 Живот

Храната и тагата се тесно поврзани: Зошто вдовците (не) ручаат сами

Кога нејзиниот сопруг Бил починал пред шест години, Мишел Завадски се подготвила за тагата. Заедно биле 47 години - од средно училиште, па знаела дека животот без него ќе биде тежок.

Но, она што не го очекувала било колку е тешко човек да биде сам. Колку тешко ќе ѝ падне да оди на вечера со пријателите и единствено таа да си оди дома сама. Или какво ќе биде чувството да оди низ супермаркетот покрај храната што тој ја сакал.

- Секаде има предизвикувачи на чувства во вид на храна - вели Мишел.

Врската помеѓу храната и тагата е длабока: речиси во секоја култура роднините и пријателите носат храна во домот на починатиот за оние што ги оставил зад него. За сопружникот навикнат да го споделува секој оброк со партнерот, тагата може да продолжи и постојано да се повторува во процесите на купување, приготвување и јадење. Сепак, оваа поврзаност, во текот на последните десет години, се сметало дека е нешто што може да им нанесе штета на оние што жалат.

Организацијата „Динер парти“, која се протега низ повеќе од 100 града низ светот, организира оброци на кои се собираат луѓе.

Во предградие на Чикаго групата наречена „Кулинарна терапија за тага“ директно се занимава со врската помеѓу храната и вдовиците/вдовците. Оваа група настанала во текот на истражување од 2016 година за тешкотиите во јадењето и готвењето по смртта на партнерот.

- Готвењето и јадењето се најпознатите аспекти на тагата. Дали некогаш сте прашале некој како се снаоѓа во супермаркетот и дали добро јаде? - вели Хедер Никренд, водечка авторка на истражувањето.

jadenje
Фото: Profimedia


Таа ја основала групата „Кулинарна терапија за тага“, која оние што се во жалост ги учи како да купуваат и да готват за едно лице.

Мишел Завадски е една од триесетте вдовици и вдовци што ја посетуваат големата кујна, каде што се запознаваат со рецепти со минимален број состојки: зеленчук на скара со маслиново масло и сол, едноставно печено пилешко, тестенини.

- На почетокот не сакав да готвам. Јадев житарки - вели 78-годишната Дајен Кантак.

Дајен била во брак со нејзиниот сопруг Френсис 45 години, пред тој да почине во 2013 година.

- Станува збор за наједноставните работи, на пример, кога ќе се прашам себеси што би јадела за вечера. А потоа не знам. Што сакам за вечера? - вели 60-годишната Пет Смит.

Мишел се согласува со неа.

- Немате кој да ви даде идеја.

За партнерите што претходно не готвеле, ова е уште потешко. Добар дел од нив од кујната на нивните мајки се преселиле во кујната на нивните сопруги.

- Сè уште ги чувам нејзините зачини во кујната - вели Џони Футман, кој веќе е во својата осма деценија од животот. Тој посетува група која ги собира мажите во болницата „Калвари“ во Њујорк.

64-годишната Дебора Стивенс, која живее во Јужна Каролина, изгубила 32 килограми откако нејзиниот сопруг Дејвид починал пред две години. Со месеци таа пиела само кафе наутро и јадела сирење попладне.

- Храната беше последното нешто што го сакав - вели таа. Нејзиниот покоен маж обожавал да јаде, а таа обожавала да готви за него.

Секоја година на годишнината од нивниот прв состанок, Мишел Завадски оди во ресторанот во кој била со Бил кога имала 15 години. Нарачува сок и сендвич што го јаделе заедно пред 50 години и само седи, размислувајќи за него.

- Веројатно ме гледа одозгора и ми вели: „Вистина, Мишел? Навистина?“ - вели таа и се смее.

- Но, тоа ми помага. Се држам до сеќавањата и така можам повторно да се смеам со него.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот