X
 27.01.2024 Колумни

Образованието и државата треба да ги негуваат вистинските таленти

Во секое дете се крие некаков талент, или што би рекле - дар даден од Бога. Токму таа, ретка способност кај децата им овозможува да постигнуваат престижни успеси и да напредуваат, односно да се надградуваат во нивната сфера на интерес. Но, ретко кои од таквите деца остануваат во својата земја да го покажуваат и докажуваат талентот што го поседуваат, обично за нив е привлечен странскиот пазар. Зошто е така? 

Едноставно, затоа што воочиле и осетиле, од поблиски роднини, соученици итн., дека некаде на друго место, подалеку, трудот и знаењето се ценат и соодветно се плаќаат и наградуваат. Кај нас тие привилегии не се многу завидни, односно имаме слаба страна и не ги негуваме како што треба. Тоа дете не само што дава за себе, личен придонес, туку воопшто, за државата, за образованието, каде што треба најмногу да се негува неговата стручност и соодветно да му се овозможи да чекори напред. Суштината не се состои во тоа само да препознаеме надарено дете, туку соодветно да му дозволиме и да му овозможиме да биде првенец, не само на генерација, ами светски рекордер. Образованието се труди да ги негува талентите, но мала е поддршката за нив затоа што, од друга страна, државата ја интересираат многу други поважни работи од негување детски таленти, а без соодветна државна помош, образованието не може да конкурира самостојно. Тоа е проблем кој се провлекува години наназад, а на кој не се работи доволно со цел да се издвојат средства од државниот буџет за поддршка на децата со висок степен на интелигенција, желба за истражување и напредок.

Повторувам, проблем за кој ниту се нашло, а којзнае дали ќе се најде решение кое многу би значело за поддршка на талентираноста. Секое училиште, соодветно закон за образование, има критериуми како треба да се оценува напредокот на талентот и соодветно низ докази (награди, признанија, семинари итн.), да прогласи најдобри ученици кои заслужено се истакнуваат. Тоа што е во надлежност на школството ќе биде сработено и овозможено, но каде е државата да го согледа тоа, обично како да не сме воопшто заинтересирани. Па оттука, нормално, мотивот и волјата да се напредува во својата земја не постои, односно е минимален. И не само кај помладата популација со која работиме, ами воопшто, секој што се труди да придонесе за добросостојбата, се става во дилема дали да тргне самостојно или да очекува дека некој ќе му помогне. 

Обично самостојноста (гледаме и слушаме) гради талент. Или, што би рекла една народна: да не зависиш од никого, туку сам да се избориш и да се докажеш во тоа што си. Тоа е тешко и многу, многу ретко денес. Реално, така стојат работите, оти веќе никој, ништо не вреднува, ниту пак, некој се интересира за нешто, а кога тоа се случува, просперитет нема! Верувам и уверен сум дека образованието, како клучна алка во градењето таленти, ете макар и да се индивидуални, стекнати од мали нозе, никогаш нема да се откаже од поддршката на таквите квалитети кои значат и вредат. Секогаш ќе стои на нивна страна и ќе ги поттикнува да одат напред. Оти, првата станица што воочува и проценува дарба е училиштето и кадарот во него. Високоталентираните деца сакаат: соработка, внимание, време, разбирање, односно покажуваат емпатија во секое време кога се работи со нив. Едноставно така се научени и воспитани, или би рекол: неуморни борци. И не само што одат на натпревари, тоа не е доволно за нив, ами просперитетот го гледаат во откритијата (да научат, да знаат, да мислат со своја глава), односно во интересите што ги поседуваат. За мене лично, таквите таленти си носат свој лауреат во животот и ако го чуваат и покажуваат, ќе стигнат многу далеку. Сепак, некој препознава вистински вредности. На сите што навистина знаат и умеат да го заштитуваат својот талент им посакувам многу среќа и успеси и никогаш, ама никогаш да не се демотивираат, оти секогаш постои алтернатива која отвора хоризонти. Кога кажувам дека образованието треба да негува вистински талент, мислам дека треба многу повеќе да инсистира тој квалитет да се истакне и да му се излезе соодветно во пресрет, на дел од потребите и барањата кои секогаш ги имало и ќе ги има. Секако, тоа е невозможно без државна поддршка. Впрочем, тоа е само еден начин како да се помогне вистинскиот талент, а постојат многу други дилеми, прашања и одговори... На почеток сме, на второто наставно полугодие, или би рекол период кога талентите ќе дојдат најмногу до израз затоа што сега сме во пресрет на натпреварите на учениците, каде што ќе треба солидно да се истакнат и нивните ментори и самите ученици. Успеси ќе има само ако посветено и беспоштедно се работи. Кога се сака, нема што не се може, затоа, првиот чекор е успешен, додека вториот чекор - нека биде повеќе од успешен. Среќно и обично кажуваме - со лесно на сите ученици и колеги!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни