Математиката и наставата по математика може да дава најголем отпор кога станува збор за промена во педагогијата - дури и училиштата кои имаат успех со проект-учење или имаат истражувачки-ориентирани пристапи може да имаат потешкотии со начините на кои се предава математика за учениците да ја сфатат комплексноста на предметот.
Токму затоа некои наставници и професори се одлучуваат за
„Desmos“ - едукативно-технолошки производ најдобро познат по тоа што нуди онлајн калкулатор за графикони - и уште неколку карактеристики кои промовираат одлична истрага.
„Оваа алатка го трансформира начинот на кој предавам. Тешко би било да се користи алатката на традиционален здодевен начин“, вели Одри Мекларен, професор по математика во Квебек, Канада.
Неодамна, „Desmos“ ja изгради својата платформа и започна да нуди индивидуализирани лекции. Моделот предводен од поранешниот професор по математика, Дан Мајер, алатката ја користи својата платформа за да моделира како технологијата може да ја промени педагогијата.
Алатката се обидува да ја подигне социјалната природа на онлајн интеракциите и да ја претвори во значајна математичка истрага. Мејер вели дека учениците го сакаат интернетот бидејќи е социјално место за споделување и создавање. И, математичката училница е исто така место каде учениците создаваат хипотези, го тестираат нивното размислување, даваат критики и разговараат за тоа како функционираат математичките закони.
„Типично, онлајн математичките платформи немаат концепт за односите на учениците со другите ученици“, вели Мејер за „персонализираните“ програми со кои учениците работат преку збир на проблеми или концепти „во свое темпо“ но го прават тоа во вакуум. Мејер тврди дека овој модел не успева да покаже што е моќно во класот полн со ученици.
Спротивно на тоа, „Desmos“ им овозможува на наставниците да создадат серија на слајдови со интерактивни елементи. Еден слајд може да има видео од чаша полна со вода, со задача учениците да направат графикон.
„Нашата основна практика е дека учениците треба да бидат свесни дека постојат и други ученици во класот, а тој процес е дел од секоја лекција по математика“, вели Мејер.
Како наставниците го користат „Desmos“?
Професорката во средно училиште Кети Јенка започнала да го користи „Desmos“ кога нејзината област открила дека алатката ќе биде интегрирана на државните тестови во Тексас, кадешто таа предава. Сакајќи нејзините ученици да бидат запознаени со алатката, таа започнала да експериментира со неа во училницата, и денес за неа е наставна неопходност.
„Кога ќе се сретнеме со нешто што не само што е вештина, туку е и богато со карактеристики, тогаш тоа ви го привлекува вниманието“, вели таа. Таа ја користи алатката затоа што ја прави математиката полесна.
Така на пример, во една неодамнешна лекција за алгебра, Јенка предавала за трансформациите на квадратните функции. Таа не им кажала на учениците што тие ќе учат. Наместо тоа, таа им поставила задача преку истражување, па преку истражувањето тие и` ја кажуваа лекцијата.
Иако „Desmos“ се обидува да ги олесни лекциите по математика, платформата не форсира ниту еден проблем. Алатката е целосно отворена, наставниците ја креираат сопствената лекција во неа.
Одри Мекларен предава во виртуелно училиште во Квебек. Нејзините часови се онлајн, но се случуваат во реално време, со учество на учениците во виртуелната училница. Повеќето од учениците на Мекларен живеат во рурални места и нивните локални училишта не ги нудат курсевите кои таа ги предава на англиски јазик.
„Не сме во истата просторија, такашто не можев да видам што тие прават, се` до доаѓањето на „Dsemos“, вели таа. Сега таа може да постави проблем за учениците и потоа да гледа како секој ученик се обидува да го реши.
Во училницата на Боб Лохел, технологијата за секој ученик е вистински предизвик. Иако тој предава во богато предградие на Филаделфија, неговите ученици немаат пристап до компјутерите, а резервирањето на компјутерската лабораторија е комплицирано. Па затоа тој често пати им вели на своите ученици да влезат во „Desmos“ преку нивните лични уреди. Тој им вели на учениците да пополнат неколку прашања, и потоа, ги пишува одговорите на табла како цел за дискусија. Со тоа учениците ги критикуваат одговорите еден на друг и разговараат за тоа.
Мејер постојано работи со наставниците за да го подобри она што го нуди оваа платформа, во баланс со желбата да создаде добри наставни практики. Тој вели дека илјадници наставни лекции се ставени на оваа алатка, а некои од нив достапни преку алатката за пребарување.
Најдобриот дел од оваа алатка за голем број наставници е тоа што е бесплатна. Мејер се надева дека тој заедно со неговиот тим, во соработка со наставниците насекаде низ светот ќе развијат одлична наставна програма дизајнирана за целиот свет.